Петар Печков
Објавено: вторник, 25 март 2014
Печатеното издание на Литургијата од Атанас Бадев беше промовирана во храмот Св. Пантелејмон во Велес, што е прво во Македонија. Ова е дело на Веселинка Маџарова Андова, оперска певица од Велес, која работи како професор по музичко воспитување во основно училиште. Литургијата на Бадев е издадена 1898 година и од тогашното издание останати се два печатени примероци и двата во странство, во Дрезден и во Софија.
Подоцна хорскиот диригент Драган Шуплевски прави препис, но тој бил рачен, не во печатен. Маџарова за прв пат го изработува во оваа форма во Македонија. Нејзината истражувачка работа на издавањето на ова дело било половина година. Како диригент на црковниот младински хор од Велес, таа дошла во допир со некои делови од Литургијата, кои биле во лоша состојба, па се решила да ја комплетира и отпечати.
Ова што јас го изработив е минорно за мене, но големо за земјата, за културата, за црквата. Работев по преписот на професорот Драган Шуплевски. Тој заедно со диригентката на хорот Св. Злата Мегленска, Летка Димовска Боризова, работеле на бледи копии, кои ги позајмувале и наоѓале од Бугарија. Самиот Шуплевски поради тоа не разбирал што било пишано извршил хармонизација, додал негови авторски делови како што сметал дека треба да биде. Тој дури на црковно словенски текст по ноти запишувал што треба да пеат свештениците – рече Веселинка Маџарова Андова.
Таа е автор на три учебници по музичко воспитување за основците. Прв пат Литургијата на Бадев била изведена во Македонија 1988 година на затворена свеченост во МАНУ а две години подоцна и на отворањето на Соборниот храм Св. Климент Охридски во Скопје. Атанас Бадев (1860- 1908) е бардот на црковното македонско пеење и музика. Тој е хорски и музички теоретичар, еден од првите професионално школувани македонски композитори. Златоустова литургија е пишувана под влијанието на руската духовна музика.
Оригиналот на оваа литургија почна да бледее и затоа трудот на Маџарова е од големо значење за македонската духовна музика. Така сега сите македонска хорови пред себе ќе имаат печатена книга од Атанас Бадев, по која ќе работат и пеат – рече на промоцијата Владиката Агатангел Митрополит на Повардарската Епархија на МПЦ – ОА под чие покровителство е издаден Литургијата.
Нејзиниот тираж е 500 примероци. Промоцијата беше со настап и Великопосен концерт на камерниот младински црковен хор Св. Кирил и Методиј од Велес чии диригент е токму Маџарова.
Tweet |