Петар Печков
Објавено: среда, 05 јуни 2019
Вечерва, среда, во Ликовниот салон беше промовирана книгата ,,Лавица на жица,, од Светлана Босилкова Далевска. Тоа беше една поинаква промоција, која досега како концепција не била користена и разбирливо го привлече вниманието на присутните. Ова е прво прозно дело на авторката, која живее во Регенсбург Германија а дел од својот живот го минува во родниот Велес.
Бев позитивно фасцинирана додека го читав романот, бидејќи запознав храбра и достоинствена жена -авторка, одмерена во зборот и несебична во раскажувањето. Романот уште од првата страница е исполнет со многу пораки. Таа не ја дели содржината по глави или некои други поделби, за да означи секое ново поглавје во романот. Со нејзиниот префинет и одмерен стил, таа ги освојува симпатиите, не го остава читателот рамнодушен. Јас книгата ја прочитав во еден здив. ,,Лавица на жица ,, е роман за љубовта, страдањата, надежта, тоа е книга која донесува ликови кои веднаш ќе ги засакате о нивната едноставност и привлечност. Романот е натопен со човечка длабочина, мајчинска топлина, работен по теркот на едноставното, но делува моќно и волшебно Тој е трогателна , емотивна, нежна исповед за млада жена со која судбината ќе си поиграа, и удира шлаканица без пардон, во период од животот кога треба да се случат значајни промени - рече промоторот поетесата Гордана Николовска.
Промоцијата на првата книга на авторката Светлана Босилкова Далевска беше проследена со читање на дел од текстот од страна на актерот Драган Миладиновски и гитара придружба на Благој Пановски- Оршата. Свои видувања за книгата кажаа и дел од присутните - Лидија Пренџова и Љубомир Михајловски, кои имале можност да ја прочитаат. Книгата ,,Лавица на жица,, авторката Босилкова Далевска и го посветила на сестра си Невенка, која е почината.
Ова не е автобиографски роман, но има нишки ода мојата биографија, кои ми дадоа мотивда пишувам. Дејството натаму се разви, така што позајмував од многу луѓе, од многу доживувања. Книгата започнав да ја пишувам 1994-та кога од мојот дом, се омажив и заминав во Германија. Свесна бев за промената која ја преземам, зачекорив во нова средина. Промената која ја прифатив беше голема, и требаше да се победи, да се успее во таа средината да прифаќам нови луѓе, нова култура, нов менталитет. Од секоја промена човек добива немир, страв, а за секој страв најдобар лек е знаењето - рече авторката Далевска.
Организатор на промоцијата на книгата ,,Лавица на жица,, беше Клубот на писатели од Велес, Коста Солев Рацин.
Tweet |