Петар Печков
Објавено: понеделник, 01 август 2016
Утрово околу 8 часот, блиски на семејството Чонтеви го пронашле автомобилот на нивниот другар и пријател Робертино Чонтев. На местото на несреќата се наоѓаат полициски екипи на МВР но и на АРМ, како и служба која треба да го извади автомобилот од провалија висока 30-тина метри.
Местото е тешко достапно за работа, а припадниците на ЕСЗ го извадиле телото. Од МВР само кратко потврдија дека се работи на случајот.
Утрово во 9 ч. добиен е телефонски повик дека автомобил марка ,,рено 9,, се наоѓа во провалија, близу вториот паркинг, по тунелот кај Катланово. На десетина метри од возилото е пронајдено тело - велат од МВР.
Телото кое било во фаза на распаѓање ќе биде дадено на препознавање а се очекува Јавен обвинител да даде наредба за обдукција. Робертино Чонтев (45 год), роден во Велес а работи и живее во Скопје, вработен како потполковник во АРМ се води како исчезнат од 24 јули, кога заминал од неговиот дом во 10 часот.
Случајот во МВР го пријавила неговата сопруга. Според мајката на Робертино, Милица Чонтева тој заминал со автомобил марка ,,рено 9,, по што неколку дена му се губи трагата. Дома кај него бил пронајден службениот пиштол, како и патната исправа.
Откако неколку дена немаше траг ниту глас од Робертино, другарите решија сами да го побараат. Автомобил како што имаше тој, металик боја е пронајден утрово во провалија на автопат Велес – Скопје. Во близина има и тело – вели близок член на семејството. Тие се сомневаат дека и Робертино е настраданиот.
Tweet |