Петар Печков
Објавено: сабота, 29 април 2017
Земјоделците од село Виничани попладнево втор ден го блокираа стариот пат од Велес кон Градско. Тие се револтирани што со години немаат добиено пари кои државата им ги должи. Им ги ветила ама не ги исплатила.
Од 105-та, 2016-та немаме добиено субвенции, ниту сме обесштетени за поплавите од 2015-та, во 2016-та фати мраз и тие пари не ги добивме. Не се издржува, ова е страшно. За едни има субвенции, за нас нема. Не знам кој критериум делат. Годинава пак ме фати мраз пред некоја недела, праска, кајсија, слива ништо не остана, 100 отсто штети. И дел од лозјето изѕемна. Министерот со неговата екипа доаѓа, ќе запише и по рамо не чукаат. Рамото ни падна од добиени удари и тапкање по него. Ни требат пари кои ни ги должат, не муабет и ветувања. Се изнаслушавме - вели Сашко Димитриевски земјоделец од село Виничани.
Жителите од ова село имаат уште еден проблем. Водоводниот канал една година има дефект и не можат да ги наводнуваат нивните насади. Станува збор за нови површини со овошки и жито кои се во лоша состојба, бидејќи не се полеваат.
Каналот за вода е проблем од лани од јуни месец. Сифонот пукна, 20 дена вода немавме, Договори потпишавме они никако да го поправат да ги полееме насадите. А пари од нас бараат. Вака не било никогаш. По каналот пасат кози стоката, добитокот. Насадот е исушен 90 отсто, вода носам 15 км за да нешто спасам. Земјата е дел под концесија, како да ја платам кога пари од никаде. Ама затоа за водниот канал ме блокираа за илјада денари и платив 20 илјади денари од извршител. Имаме расад за бостан, пипер ништо нема да се фати гдоинава, се е суво. Од тоа што го имаме овошје, пиперки има ниски цени на пазар, го продаваме и отплаќаме кредити. Ете така живееме - револтирано вели Орце Данев од село Виничани.
Нему годинава 100 отсто му измрзнале овоштарникот и лозјето. Сите присутни се оградија дека политиката не ги изнела на блокадата, туку парите кои државата им ги должи а никако да ги исплати.
Tweet |