Петар Печков
Објавено: петок, 14 јануари 2011
Спомен - куќата на поетот и револуционер Кочо Рацин изминатата 2010 година била најпосетувана од културно – историските споменици во Велес. Таа била најинтересна за организирана посета на учениците при престојот во градот. Според евиденцијата на одговорните во Народниот музеј кои се грижат за овој објект, лани ја посетиле 3.400 ученици, основци и средношколци од земјава, заедно со своите професори, најмногу за време на одржувањето на Рациновите средби и Детските Рацинови средби.
Куќата во која е роден, живеел и творел Рацин го задржала автентичниот изглед и типично за старите велешки куќи, има приземје и кат. На приземјето е грнчарската работилница на Рацин и печката во која ги печел глинените производи. На катот има две соби, кујна и гостинска, како и чардак со прекрасна глетка кон стариот дел од градот. На чардакот е сместена постојана постановка на документи и предмети кои му припаѓале на големиот Рацин, чија стихозбирка „Бели мугри“ е најпреведувана книга од македонски поет.
Во далеку помал број, скоромно, посети бележат спомен - куќата на првиот социјалист и пропагатор на тие идеи Васил Главинов, како и две стари велешки куќи кои пред шест години беа целосно реновирани со поддршка на општината и донатори - куќата на првиот драмски писател и учител Јордан Хаџи Константинов Џинот и куќата на богатото велешко семејство Касапови - позната како „куќата што лебди“, поради тоа што е изградена на карпа.
Tweet |