Петар Печков
Објавено: среда, 04 ноември 2026
Македонски железници АД Транспорт има застарен возен парк на вагоните и локомотивите, со старост поголема од 40 години, констатирал Државниот завод за ревизија (ДЗР). Ревизорите утврдиле дека мал дел од движните средства биле во функција.
МЖ Транспорт во 2024 година имал 62 локомотиви од кои во функција биле девет како и 16 патнички гарнитури од кои пет во функција и 47 патнички вагони од кои два биле во редовен сообраќај. Контролата на документите за работа на МЖ Транспорт, ДЗР ја извршил за 2024 година.
Стручните лица во друштвото укажувале на застарен возен парк. Од 1.382 товарни вагони само 378 биле со важечка ревизија способни за сообраќај, а со истечена ревизија -надвор од сообраќај биле 1.004ѓ. Контролата се врши во зависност од товарните вагони, но не повеќе од шест години помеѓу две ревизии.
Со кредитот од ЕБОР во 2015-та набавени од Кина беа четири нови триделни дизел –моторни гарнитури и две триделни електро – моторни гарнитури за патнички сообраќај, нови 150 нови вагони -75 плато и 75 отворени.
Во финанискиот дел ДЗР констатира дека МЖ Транспорт АД континуирано искажува загуби од работењето при што за 2024 година таа изнесува 331,8 милиони денари, што споредено од претходната година -2023 година бележи намалување и заедно со пренесена загуба од претходни години во 2024-та достигнува до 109 милиони евра.
Во текот на контролираната 2024 година на железничките станици Гостивар, Тетово, Кочани, Кичево и Штип не е реализиран ниту патнички ниту товарен железнички сообраќај. И покрај тоа, на наведените станици биле ангажирани 20 вработени на работни места поврзани со извршување на сообраќајни услуги и тоа: шефови на станици, станични благајници и оперативни помошници на станици. Нив им биле исплатени скоро 14 милиони денари бруто плати.
Дополнително, во рамките на месечните примања за нив биле исплаќани и надоместоци за работа во недела, за работа во денови на празници и за квалитет.
Со извршената ревизија на Информациско – комуникациска технологија (ИКТ) системот во МЖ Транспорт АД за 2024 година, утврдено е дека се користат информациски системи и серверска опрема од постара генерација за кои нема договори за одржување и техничка поддршка од овластени добавувачи, деловните апликации функционираат на застарени платформи, без обезбедена поддршка од производителите. За работа со нив има мал број информатичари, од 40 работни места по систематизација вработени во друштвото биле осум лица, од нив 4 биле со договор, а ангажираните со авторски договор биле поранешни вработени во друштвото.
При анализата на потрошувачката на гориво ревизорите констатирале дека било точено гориво во нерегистрирани возила а постојат случај за точење гориво во возило со регистарска ознака која не е во сопственост на друштвото.
ДЗР констатирала при анализата на работата на МЖ Транспорт АД за 2024 година прекумерна потрошувачка на вода која не е соодветна за административни и услужни дејности, каде водата не претставува составен дел од производниот процес. Фактурите за потрошена вода во 2024 година се 5.,5 милиони денари. Со извршениот увид во финансиската и поткрепувачката документација за осум водомери со кои се мери потрошувачката на вода во друштвото, утврдено е дека најголема годишна потрошувачка на вода за 2024 година е регистрирана на еден водомер во износ од 77.048 m³ или во просек 6.421 m³ месечно, за што се потрошени вкупно 5,3 милиони денари. Овој проблем се провлекува од 1998 година, поради што кон крајот на 2024 година било ангажирано правно лице за детекција на дефекти на водоводната мрежа. При тоа биле констатираните седум дефекти, по што се предложени мерки за нивна итна санација. Од табелата изготвена од ДЗР за десет години период 2015-2025, на овој водомер константно се трошело огромно количество на вода, најниско било 37 илјади м3 во 2014 до 107 илјади во 2017-та година. Годинава во јануари ЈП Водовод и канализација Скопје по службена должност го известило МЖ АД Транспорт за непрекинат истек на вода во времетраење од 48 часа.
Основна дејност на МЖ АД Транспорт е вршење железнички превоз на патници и стока на национално и меѓународно ниво, со сопствен возен парк, влечни средства и оперативен персонал.
По добивањето на овие забелеѓки УО на МЖ АД Транспрот констатирал дека „Значителен дел од констатираните состојби претставуваат долгогодишни системски слабости, чие надминување бара континуирани активности“.
| Tweet |




