речник контакт

Салаковски Езера – Горските очи на Јакупица

Големо и Мало Салаковско Езерa се наоѓаат во месноста Езериња на североисточните делови од Караџица т.е. под врвот Убава

Петар Печков

Во централниот дел на Република Македонија, се наоѓа еден од најубавите планински масиви во нашата земја. Масивот Јакупица, познат уште како и масив Мокра се состои од повеќе планински целини: Јакупица лоцирана во централниот и источниот дел (Солунска Глава 2.540 м), Даутица (2.179 м) кон југозапад, Караџица  (2.472 м) на севорозапад, Сува Планина продолжение на Караџица во северен правец, Шашковица кон североисток и Голешница на исток.

Вака широко распостранет масивот Јакупица изобилува со многу природни реткости. Меѓу нив се и горските ,,очи’’ на масивот Мокра (Јакупица).Станува збор за две глацијални (циркни) езера, кои се единствените постојани езера на овој масив. Наречени се Салаковски Езера (Големо и Мало Салаковско Езеро), а се наоѓаат во месноста Езериња на североисточните делови од Караџица т.е. под врвот Убава. 

Езерата се сместени во еден заеднички цирк, кој е формиран за време на плеистоцената глацијација. Имено цирк претставува широка вдлабнатина во форма на амфитеатар, кој настанува со делување на процесот на глацијација односно со делување на глечерските маси, кои движејќи се го продлабочуваат теренот.

Во овој случај циркот е настанат со движењето на Салаковскиот глечер. Овој цирк е обиколен со билото Горни Пепељак од северозапад, Убава од југ и Салаковска Планина од исток. Во минатото Салаковскиот цирк бил исполнет со вода од едно глацијално езеро, но бидејќи истеката на ова езеро лежи врз ерозивни моренски материјали, таа постепено се всекува и езеро ја губи водата.

Денес се останати само најдлабоките делови од тоа некогашно езеро (Големото и Малото Салаковско Езеро). До Салаковските езера може да се дојде од повеќе населени места: Црн Врв од север, Алдинци (пл.дом Караџица) од североисток, Тажево и Белица (Порече) од југозапад и Патишка Река од северозапад.

Малото Салаковско Езеро се наoѓа во северозападниот дел од Салаковскиот цирк на надморска височина од 2.171 м.  Зафаќа површина од 850 метри кв., а  неговата максимална длабочина изнесува 2,5 метри. Во правец југоисток-северозапад има должина од 40 метри, а во правец исток-запад има широчина од 31 метар. Со вода се храни од извор кој се наоѓа на неговата северозападна страна, како и од врнежи и преку топење на снегот. Водата ја губи со испарување и од истека, низ која водата истекува во мало поточе, кое пак дотекува до Големото Салаковско Езеро.

Големото Салаковско Езеро го завзема југоисточниот дел од Салаковскиот цирк и се наоѓа на надморска височина од 2.170 м. Има површина од 1.340 метри кв, а од Малото Салаковско езеро е поголемо за 490 метри кв. Има елипсоидна форма со најголема издолженост во правец југоисток-северозапад од 48 метри, додека неговата широчина во правец север-југ изнесува 38 метри.

Големото езеро за разлика од Малото има помала длабочина, а истата изнесува 1,3 метри. Со вода се снабдува од притока која доаѓа од Малото Салаковско езеро, од врнежи како и од топење н снегот. Водата ја губи со испарување и од истека, од која истекува Салаковска Река , таа е лева притока на Кадина Река

Автор на текстот е Дарко Стојчески

АНКЕТА »

Како ви се допаѓа сообраќајното решение за улицата 8 септември од Сармаале до Коњаникот

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »