Петар Печков
Објавено: понеделник, 19 јуни 2017
Во Основниот суд во Велес по повеќе одлагања, поради болест на обвинетата, започна судењето на Десанка Николова која се товари за измама.
Таа во своја одбрана рече дека не се чувствува за виновна, додека отштетните како сведоци дадоа изјави, со кои тврдат дека во случајот се вмешани повеќе лица и има повеќемина оштетени.
Не се чувствувам за виновна. Парите ги должам, и треба да ги вратам. Но се беше преку нотар, како заем – рече на почетокот од судењето, на прашањето од судијата Шефшет Адеми, дали Николова се чувства за виновна.
Потоа како сведоци беа сослушани оштетените, таткото и сестрата на момчето Драган Станојкоски, кое според обвинението, требало за пари да биде вработен како полицаец во МВР а по распишаниот конкурс за вработување на 600 лица, од јули лани .
Во август лани, ќерка ми дознала преку нејзин пријател дека има лице кое вработува за пари. Дојдовме до неа, се слушавме телефонски и се договоривме да се најдеме во Велес. Тоа беше овде обвинетата Десанка, со која седевме во кафиќ, прво побра пет илјади па потоа четири илјади за вработување. Прифанав, требаше во два наврати по две илјади евра да и исплатам. Ни кажа дека работи како асистент на факултет, споменуваше некои звучни имиња Пепиќ, Илија, Веле пратеник, па дека работела во Дом на култура овде во Велес. Секогаш кога бараше пари, одеше преку ќерка ми Александра. Така првиот пат, побара да уплатам пари на некоја сметка, не` на неа, што беше надвор од договореното. Се сретнавме повторно во Велес па отидовме кај нотар за договор, тој одби да работи, рече дека не се бави со такви дела. Па отидовме кај друга нотарка во центар, таа се согласи и тука потпишавме. Кога излеговме надвор и ги дадов 1.000 евра на рака. Таа праша дали се обележани и реков не` , се заколнав во деца, па ги прими. По некое време, кога требаше да има тестови за физичка издржливост на кандидатите за полицаец, пак преку ќерка ми побара пари, согласно договорот. Ми испрати пак некоја туѓа сметка, на некое друго име, не се согласив и и уплатив на нејзината трансакциона сметка. Тоа беа 61 илјада денар. Пред потпишувањето на договорите за работа, обвинетата се јавила кај ќерка ми и побарала уште пари. На нејзина трансакциска уплатив илјада евра, што беше вкупно три илјади дотогаш. Вечерта по уплатата, непознат маж се јави на телефон на син ми и рече во вторник да оди во Центарот во Идризово, а потпише договор за работа. Кога отидовме на договореното во 10ч. ни рекоа дека дента немало никакво потпишување и не упатија во МВР. Драган таму беше примен од некоја одговорна, на која му кажала дека не е на никаков список. По ова го прашала дали можеби некое лице земало пари за ваква услуга. На потврдниот одговор, веднаш дошол некој инспектор и почнала истрага –рече Стоје Станојоски, пензиониран полицаец, татко на Драган.
Веднаш по ова сведочеше и ќерката на Стоје и сестра на Драган. Таа со сведочење кое зборува дека нивниот случај не бил единствен.
Јас од мојот колега од факултет Игор Симоновски од Зелениково, дознав дека од Велес имало лице кое помага при вработување со финансиски надомест. Дека и тој дал пари, но подоцна како и брат ми не бил вработен. Се слушнавме и подоцна се најдовме со обвинетата. Таа ни ја симна цената до 5 на 4 илјади евра, оти сум била колешка со Игор. Во разговорите Десанка бараше да платиме, оти во една пригода ми прати снимка -,, скриншот,, од нејзин разговор со Мунир Пепиќ, каде тој бара илјада евра за да се заврши работата, за да се потпише договорот. Откако татко ми ги уплати 61 илјада денари, вечерта од непознат број на мобилен се јави машки глас и му кажа на брат Драган ми во вторник да оди во Центарот во Идризово да потпише договор. Кога отидовме таму, на капија ни рекоа дека нема никакво потпишување и дека дента дошле дури 10 лица со истото барање. Кога и сед јавив на Десанка таа тече да отидеме во ресторан ,,Рагуза,, каде ќе се најдеме со Пепиќ и други лица од МВР. Но ние отидовме во МВР а од таму на Драган му кажаа дека го нема на никаков список за вработување, но по неговото кажување што се случило, дојдоа инспектори и ни ги земаа на нас, татко ми и мене мобилните заради истрага – раскажа во сведочењето Александра Станојоска Ристовска која е со завршен факултет со безбедност.
Како дополна на сведочењето во записник се констатираше дека лицето Мунир Пепиќ, за кое зборуваше сведокот е лицето кое се споменува во т.н. бомби и е одговорен за издавање на лични карти во МВР.
На прашањето од бранителот на обвинета Десанка Николова, адвокат Андреја Радиновски, зошто иако таткото е поранешен полицаец а сестрата дипломирана безбедност, направиле кривично дело и дале пари, тие одговорија дека знаат што сториле.
Ќерка ми 5,5 години чека работа, синот 2 години. Како да им помогнам ако не вака – рече Стоје.
За жал вака ни функционираше државата, со плаќање мито за да се вработи. А што се однесува до договорот, точно е дека е за заем и потпишан од татко ми , но како да гласи. Договор за плаќање за вработување. И тој е на илјада евра а ние плативме три - констатира Александра.
Таа побара обесштетување и кривична одговорност од обвинетата со тажна констатација.
Барам обесштетување бидејќи во текот на овој случај имав спонтан абортус и го загубив бебето, од нервози – по што настана молк во судницата.
Судењето продолжува со сведочење на Игор Симоновски, за кого беше побарано да биде стражарно приведен оти добивал покани а не се јавувал на рочиштата.
Според обвинението Николова се товари оти прибавила имотна корист од три илјади евра. Во периодот од 7-ми август до 3-ти септември лани, во повеќе наврати ги довела во заблуда оштетените, татко и ќерка, лажно прикажувајќи дека може да го вработи нивниот син, односно брат во МВР на огласот за прием на полицајци, кој бил во тек. Таа се повикувала на блиски пријателски односи со влијателни луѓе од тогашната власт и МВР, со што ги навела оштетените да и исплатат вкупен паричен износ од 183.500 денари и тоа етапно, како што течеле активностите околу конкурсот за вработување.
Tweet |