речник контакт

Свето Благовештение - Благовец, 7.IV Лазарова сабота

Празник на радосната вест и на пролетната убавина.Именден празнуваат: Благоја, Благојка, Блаже, Благица. Денес именден слави и тој што се вика Лазар

Петар Печков

Празникот Свето Благовештение се вбројува во постојаните празници и секогаш е на 7 април. Светото предание раскажува дека еднаш кога покрај прозорецот Света Дева Марија го читала Светото писмо, во книгата на пророк Исаија прочитала дека „Девица ќе зачне и ќе роди син и ќе му го дадат името Емануел”, возбудена помислила дека кога би знаела која е таа девојка би и служела до крајот на животот.

Во тој момент до неа долетал архангел Гаврил кој и соопштил дека таа е девојката одредена од Бога што ќе го роди Спасителот. „Радувај се благодетна! Господ е со тебе! Благословена си ти меѓу жените”. А кога Света Дева Марија помислила: „Каков ќе биде овој поздрав?”, ангелот и рекол: „Не бој се Марија, зашто си нашла милост пред Бога; и ете ти ќе зачнеш во утробата и ќе родиш син и ќе го крстиш со името Исус. Он ќе биде голем и ќе се нарече син на севишниот и ќе му го даде Господ Бог престолот од неговиот татко Давида и ќе царува над домот Јаковов секогаш и царството негово нема да има крај”.

На тоа Марија зачудено прашала: „Како ќе биде тоа кога јас не знам за маж?”, на што ангелот и одговорил: „Светиот дух ќе слегне на тебе и силата на Севишниот ќе те осени па затоа и роденото ќе биде свето и ќе се нарече син Божји”. (Лука 1/27-35).

Во чест на таа блага вест што ангелот и ја пренесол на Света Дева Марија црквата го востановила празникот Свето Благовештение или Благовест што се празнува точно девет месеци пред Божик.  Поради тоа што Благовец е благ ден тогаш, се верува дека и раната не боли па на малите деца им ги дупат ушите за oбетки.

Со Благовец е поврзано и доаѓањето на птиците преселници, штркот, ластовицата, кукавицата, пупунецот, славејот и др. Се верува дека тие ќе дојдат на овој ден дури и да врне снег. За кукавицата се вели дека и таа радувајќи се на овој благословен ден отворала уста и кукала, но никогаш не кукала пред Благовец како што пупал пупунецот. Се верува дека ако наутро гладен, како што се вели на гладно срце слушнеш некоја од овие птици, ќе те разбие и не ќе имаш напредок во текот на годината. Затоа луѓето веднаш по станувањето каснувале барем еден залак леб.

Иако во некои места веруваат дека змиите излегуваат на празникот Свети четириесет маченици, во повеќето краишта излегувањето на змиите се поврзува со Благовец. Иако паѓа во тешките велигденски пости на Благовец се јаде риба. Дури  тоа се смета и за потребно.

Денес, ден пред Цветници е и Лазарева сабота.Саботата пред Цветници се вика Лазарева Сабота или Лазарица и се празнува во спомен на Лазаревото воскресение.  
Според тогашните закони учител можело да биде само лице што наполнило триесет години.

Исус веќе четврта година го проповедал своето учење, а бидејќи за Пасха мноштво народ доаѓал во Ерусалим за да го прослави празникот и Исус по четврти пат доаѓал како учител. Но тогаш разбрал дека неговиот пријател Лазар од Витанија е тешко болен. Исус веднаш се упатил тамо но стигнал четири дена по неговата смрт и по погребот. Сестрите на Лазар Марта и Марија го прекориле Исуса велејќи му дека ако дојдел на време немало Лазар да умре. Марта уште му рекла: „Господи, ако беше Ти овде, немаше да умре брат ми. Но и сега знам што и да посакаш од Бога Бог ќе ти даде“.

Легендата вели дека Бог сакал Лазар да умре за врз него да се манифестира силата Божја. Кога дошол до гробот Исус го повикал Лазара: „Лазаре, излези надвор“. И Лазар веднаш излегол завиткан со платно на рацете и нозете и со крпа околу лицето. Сите што го виделе тоа се почудиле и поверувале дека Исус е синот Божји.

АНКЕТА »

Како ви се допаѓа сообраќајното решение за улицата 8 септември од Сармаале до Коњаникот

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »