Петар Печков
Објавено: среда, 16 март 2011
Седум часа траеше прекинот на седницата на општина Велес за таа да продолжи во вечерните часови и да заврши за само 60-тина минути, но без претставниците на СДСМ. Претседавачот на Советот ваквиот развој на настаните го објасни со можноста доколку до полноќ на 15-ти март не се усвојат финансиските извештаи и завршните сметки на институциите кои се под општината, можно е да се плаќаат парични казни а на Советот му се заканува самораспуштање.
По консултациите со правната и финансиската служба од локалната самоуправа, бидејќи се разгледуваа финансиски извештаи а пред можноста за одредени законски мерки, ги повикав координаторите на советничките групи за да седницата продолжи. Поединечно секој советник го повикав, советниците од ВМРО-ДПМНЕ во интерес на градот одлучија да се вратат и сите советници дојдоа на почетокот од работата. За потоа спротивно на јавно кажаниот став дека тие се подготвени за работа, колегите од СДСМ се повлекоа – изјави Славчо Чадиев претседавач на Советот на општина Велес.
Седницата со присутни 14 советника, во продолжение траеше еден час и без дискусија беа минати сите точки, некои усвоени некои отфрлени. Советниците од СДСМ ја напуштија салата незадоволни од работата на владеачкото мнозинство, кое според нив целиот настан го режирала со цел сокривање на лошата работа на одредени локални институции.
Ова е смислено сценарио, искривена вистина на владеачката ВМРО-ДПМНЕ, со цел да се покрие вистината од седницата, кога требаше да разгледуваме 20 финансиски извештаи. Се создаде тензија немир, за да се покрие лошото работење на општината и сите нејзини институции, кои беа на дневен ред. На координацијата претходно колегата од ВМРО-ДПМНЕ рече дека тие нема да расправаат по ниту една точка. Штом е така еве и нека работат и експресно ја завршат седницата – изјави Дејан Гавазов советник од СДСМ. Тој најави дека на следната седница на Советот ќе присуствуваат.
Од ВМРО-ДПМНЕ објаснуваат се вратиле да ја сработат седницата во интерес на граѓаните и локалната самоуправа, но и натаму очекуваат извинување од советниците на СДСМ за претпладневниот настан, кога тие слушнале и препознале закана по нивната безбедност.
Соочени со можноста за санкции ако не ги разгледаме точките од дневниот ред, се вративме да ја доработиме оваа седница. Ова е во интерес на граѓаните, кои секогаш се наш приоритет. Продолживме со работа, но извинувањето од колегите од СДСМ го очекуваме – изјави Александар Колев советник од ВМРО-ДПМНЕ.
Претпладневната сесија на Советот на општина Велес беше прекината откако советниците од ВМРО-ДПМНЕ ја напуштија сметајќи дека советникот Данчо Стојановски од СДСМ испратил закана по нивната безбедност и побараа извинување. Стојановски пак објасни дека ниту се заканувал ниту испратил лоша порака, туку само бил лошо разбран.
Tweet |