Петар Печков
Објавено: понеделник, 20 август 2018
Утринава околу 10 часот се запали депонијата, каде се одлага сметот кој ЈКП Дервен го собира од граѓаните. Чадот се гледаше до Велес а за се заштитат граѓаните интервенираше и противпожарната единица. Надлежните со идентичен став, можна причина за огнот е депонискиот гас.
Високите температури на воздухот деновиве, како и депонискиот гас што го испушта отпадот на градската депонија, утрово предизвикаа пожар на депонијата, за што веднаш беше известена противпожарната единица од Велес и беа активирани вработени од ЈКП Дервен. Пожарот е веќе локализиран, но самото гаснење е отежнато поради составот на запалената маса . Екипите се на терен и работат на гаснење на пожарот со помош на вода од цистерни и затрупување со земја со помош на булдожери - изјавија од ЈКП Дервен.
Општинскиот инспектор Билјана Манаскова Шуркова потсетува дека освен скопската депонија Дризла, сите други вклучувајќи ј и оваа велешката, не се стандардни и повеќе личи на ѓубриште, иако е оградена.
На депонијата има депониски гас, кој многу веројатно е дека е можната причина за денешниот пожар. Секоја година ни се случуваат вакви ситуации по неколку пати во лето, поради високите температури. Можно е и човечки фактор да е сторител. Причините ќе ги откријат екипите на СВР Велес и Министерството за животна средина кои се на терен - изјави Манаскова Шуркова.
Таа потенцира дека најзагаден амбиенталниот воздух е кога има пожар на депонија. Тогаш се ослободувале најотровни материи, токсини и фурани, кои имаат канцерогени својства. Добрата вест е што ветерот чадот го носи во правец подалеку од Велес, кон Овче Поле.
Tweet |