Петар Печков
Објавено: четврток, 14 април 2022
Во тек е реконструкција и модернизација на железничкиот патен премин на мостот „Гемиџии“ во Велес. Тој е дел од реконструкцијата која ЈП Македонски железници инфраструктура ја работи неколку месеци, во неколку града во Македонија, по Битола и Прилеп на ред е Велес а ќе завршат со патните премини во Скопскиот железнички јазол. Инвестицијата финансиска е обезбедена заедно со локалните власти од градовите каде работат.
„Се прави реконструкција на горниот слој од пругата. Тој дел е познат на возачите бидејќи се минувал бавно поради дупките, заради квалитетот. Со оваа реконструкција помагаме во безбедноста не само на железничкиот туку и на патниот сообраќај. Така ќе мината возилата побргу преку овој премин но и побезбедно“ - кажа директор на ЈП МЖ инфраструктура Хари Локвенец.
Нивната работа денес завршува а од утре локалната власт, преку ангажирана фирма ќе врши асфалтирање. МЖ Инфраструктура ќе продолжи од недела со ваква промена и на преминот кон Дворови. Потоа ќе следи пауза, па во наредниот период ќе се работи на уште три премини кои биле побарани и договорени со локалната власт. Тоа се премините Стар мост, кај Горно Оризари и на Штипска пруга кај Речани.
Бидејќи истиот овој премин, на мостот Гемиџии беше реконструиран и во времето кога градоначалник беше Славчо Чадиев, следен пат кога градоначалник беше Аце Коцевски, ТрМр го праша директорот, дали за некоја година може повторно да се очекува негова реконструкција.
„Според спецификацијата на материјалот пропишаниот рок е 10 години. Тоа е минималниот период, а јас лично очекувам и подолг период да се користат. Многу е важно да ги зголемиме стандардите. Со воведувањето на овие елементи, за реконструкција на горниот слој на пругата, не можеме повеќе да работиме реконструкција како импровизација. Понатаму ќе мора да продолжиме со овие високи стандарди кои сами ги поставивме“- дополни Локвенец.
Претходно во септември лани, во Велес беше реконструиран првиот железнички патен премин во земјава, по новите стандарди со гумена подлога, тој кај фабриката Киро Ќучук. За искуството и какви се реакциите на возачите, не само од Велес туку и од другите градови каде се работи оваа новина, директорот Локвенец, рече дека е најдобро тоа да го кажат самите возачи.
Tweet |