Петар Печков
Објавено: вторник, 14 август 2012
Младиот штрк кој велешките комуналци го најдоа повреден,изнемоштен и прегладен е спасен и згрижен. Тој неколку дена бил чуван во градината на ЈКП Дервен, откако вработените го пронашле во саботата наутро во Младинскиот парк. Му дале и име, симболично Силјан штркот и четири дена бил нивен миленик.
Птицата беше преплашена, гладна, повредена. Но и покрај таквата состојба нашите вработени едвај успеале да ја фатат. Потоа беше донесена во нашата градина каде ја чувавме неколку дена. Вработените ја хранеа, се грижеа за неа, носеа од дома рипчиња. Поради повредата на десното крило, штркот го однесовме во велешката Ветеринарна станица, од каде ни препорачаа дека треба да го однесеме во Скопје – вели Тодорка Андреева портпарол на ЈКП Дервен.
Потоа тие стапиле во контакт со невладините ,,Македонско еколошко друштво,, и ,,Здружение за заштита на бувовите,, чии претставници дојдоа попладнево, го презедоа штркот и го однесоа за Скопје.
Повредениот штрк, веднаш ќе го однесеме во Ветеринарната станица во Скопје, каде ќе биде прегледан. Потоа ќе биде згрижен и чуван во Зоолошката градина. Птицата е овогодишна, се работи за младо пиле. Повредата на десното крило е посериозна, има отворена рана. Дали штркот ќе оди по својот природен пат, ќе одлучи ветеринарот - изјави Боби Арсовски претседател на здружението.
Tweet |