Петар Печков
Објавено: четврток, 23 април 2020
Александра Скорниева утрово е пронајдена жива а докторите велат дека и здрава. Таа вчера од страна на нејзиното семејство беше прогласена за исчезната и блиските се дадоа во потрага. Пронајдена е во провалијата, од страната која е подалеку од браната на езерото, во правец на село Новачани.
Од тежок терен за спасување ја извадиле велешките пожарникари кои биле повикани на помош и работеле зедно со полицајците. Тие го чистеле теренот од бујната вегетација, за да може да се приближат докторката Јадранка Мишкова и возачот Ален Давчевски.
Девојката била имобилизирана и со даска за прва помош качена до патот. Сведоците велат гестот на докторката која се симнала во провалијата за да ја прегледа девојката предизвикал позитивни реакции кај присутните а еден од инспекторите и се поклонил до земја.
Утрово во 09:45 часот примен е повик во Службата за итна медицинска помош од страна на дежурен полициски службеник дека во близина на браната на велешкото езеро Младост пронајдено е едно повредено женско лице. Дежурниот лекар при прегледот на повредената утврди дека истата е свесна, контактибилна, ориентирана, со повеќе телесни повреди на телото. По имобилизацијата, повредената со помош на пожарникарите, поставена на даска за спасување е извадена од клисурата под браната на езерото Младост и со амбулантно возило и дежурната медицинска екипа е транспортирана на Ургентниот центар при ЈЗУ Општа болница - Велес, со цел натамошни прегледи и утврдување на степенот на телесните повреди - информираше д-р Страхил Тодоров портпарол на Итната служба.
Од велешката болница според портпаролот д-р Весна Николовска Неделковска соопшти дека примениот пациент е надвор од животно загрозувачка состојба.
Кај пациентката по извршените снимања констатирани се поли трауми и повеќе скршеници поради што е итно префлена на Клинички во Скопје. Таа е во стабилна здравствена состојба, разговарала и со психијатар, се жалела од студот, кој преку ноќта силно го чувствувала. Не е во животно загрозувачка состојба - изјави д-р Николовска Неделкова.
Според тоа што Скорниева го раскажала на лицата со кои контактирала, се лизнала додека се движела во тој предел и така стигнала до подножјето на браната десетина метри подалеку од неа, поточно во делот каде е формирана реката. Ноќта и било многу студено а уште повеќе страв и влевале завивањата на шакалите кои биле во близина.
Неа ја бараше семејството откако вчера утро заминала од дома и ја немало цел ден.
Tweet |