речник контакт

Случај Топилница, и без здравје и без пари

Тоа што ТРМР уште пред една седмица го најави се случи на седницата на Одборот ,,за спас на Велес,, .Пари, пари, пари...

Петар Печков

Општина Велес и граѓанското здружение ,,Зелена коалиција,, се судруваат со сериозен финансиски проблем за да го продолжат судскиот процес во кој тие ја тужат државата за три децениското згадување предизвикано од Топилницата. 

За да продолжи процесот тие ќе мора да го платат  катастарското вештачење за опфатот на загадените површини а потоа и  вештачењето за наод колку и какво е загадувањето на секое од нив. Ова е законска обврска на тужителот да ги приложи неопходните докази, за да може судскиот процес да продолжи. Но за да се извршат овие две вештачења ќе треба пари а тужителите немаат толкави средства за оваа намена.

Најоптимистичките наши предвидувања се дека ќе требат минимално 50 илјади а најцрните прогнози се движат околу 250 илјади евра за да се докаже од стручни судски вештаци, дека земјата во велешко е загадена од работата на Топилницата. Ние како граѓански здруженија ги немаме тие пари, но ќе се обидеме да преку некои наши  поддржувачи  и донатори, кои веќе досега му помогнале на Велес, да го решиме овој финансиски проблем – изјави Игор Смилев од ,,Зелената коалиција,, која опфаќа осум невладини организации со еколошки предзнак.

Засега тие и локалната власт  не размислуваат да ја повлечат тужбата но ќе се состанат да се договорат за натамошните постапки. Тие имаат рок  до 27 мај за да се одредат  кои се парцелите  кои ќе се вештачат како и нивната сопственост, на кое натаму, ќе се изврши друго вештачење со кое ќе се докажува колку и со што е загадена почвата.

 Неминовно е да се појават трошоци во работењето на судот и за вештачењето. Тука имаме реален проблем, бидејќи средствата кои треба да се издвојат не се дефинирани ниту знаеме колку изнесуваат. Бидејќи тужбеното барање се однесува на голема површина, очекувам дека вештачењата ќе бидат енормно скапи. Општина Велес заедно со другите осум тужители, ќе се обидеме да најде начин како тоа ќе се одвива. – изјави Горан Петров градоначалник на Велес.

Во две досегашни експертски анализи, едно од шпанската консултантска фирма ,,Ептиса,, а финансирано од ЕУ и второ од Техничко – металуршкиот факултет од Скопје од 2004-та година, се потврдува дека почвата во околината на Велес е најзагадена на Балканот и е опасна по здравјето. Резултатите од испитувањето за дистрибуцијата на тешки метали, олово и цинк во велешката почва  според д-р Симеон Јанев се ,,застрашувачки и со неверојатни вредности,, .

Почвата според овие истражувања е до 40 см во длабочина е загадена со олово и цинк. Но овие научни истражувања не се релевантни за судскиот процес Велес против државата, бидејќи не се изработени од овластени судски вештаци. Но тука не е крајот на проблемите со кој тужителот  се сретнува во процесот.
      

Во Македонија немаме законска регулатива со која се пропишува до каде и колку треба да биде загадена земјата. Имаме стручни норми, но тие колку ќе бидат релевантни за овој процес и за судијата е дилема. Ние имаме документација каква била загаденост во 70-тите, 80-тите и 90-тие години на почвата, што може да се искористи и илустрира за состојбата и предизвикувачот на загадувањето – изјави д-р Вера Ристова од Заводот за здравствена заштита.

При вештачењето на загадената почва ќе  биде потребно да се најдат државни парцели, каде би се извршувале испитувањата, бидејќи малку веројатно е дека било кој земјоделец ќе дозволи две години неговата парцела да се користи за вештачење, со подигнување на детелина, а без за тоа поединецот  да добие финансиски надомест, што уште повеќе ќе го оптовари Буџетот за трошоците на тужителите од овој предмет.

АНКЕТА »

На што се греете зимава?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »