речник контакт

Со доделување на наградите завршија 53-тите Рациновите средби

За прв пат во 46 годишната историја на Рациновото признание истата рамноправно ја добија двајца автори

Петар Печков

Вчеравечер во велешкиот театар со доделувањето на наградите завршија   53. „Рацинови средби“ . „Рациновото признание“годинава за првпат го рамноправно го добија  двајца писатели од младата генерација: Сашо Димоски за романот „Петтото годишно време“  во издание на Култура и Владимир Јанковски за романот „Невидливи љубови“ во издание на Анголог.

Ова е за прв пат откако од 1971-та се доделува оваа награда истата да ја добијат двајца автори и на тој начин да ја поделат паричната награда која е во висина од 60 илјади денари.  „Почесното Рациново признание“ за 2016  му беше врачено на проф. д-р Борислав Павловски од Загреб Хрватска  родум од Бјеловар, за неговата афирмација  на македонскиот јазик и литература во странство. Павловски работи на Катедрата за македонски јазик и литература на Загрепскиот Филозофски факултет.

Има објавено педесетина трудови меѓу кои неколку посветени на животот и делото на Рацин, а од македонски на хрватски превел 21 драма, како и 13  македонски романи. При добивањето на наградата пред присутните тој презентира една штотуку преведена песна на Рацин од неговата „Антологија на болката“ . Најави дека наскоро од македонски на хрватски јазик ќе ја преведе  и издаде и целата стихозбирка „Антологија на болката “. Тој оваа награда ја доби по предлог на проф. д-р Људмил Спасов. 

Го добивам затоа што се надевам сум го оправдал со многу труд.  Имам преведено над 40 наслови на македонските книжевни дела на хрватски јазик и уште многу други трудови. Работам на катедрата за македонски јазик и литература во Загреб, на која покојниот професор Круме  Кепески веќе тогаш сериозно се занимаваше со Кочо Рацин и неговиот опус, а  има напишано и дисертација која за жал му ја имаа одбиено и никогаш не е објавена, а тој  нема докторирано. Добивајќи ја оваа награда чувствувам дека со неа е вратен долгот кон овој голем човек, мој професор - изјави Павловски.

Тој истакнува дека Рацин е синоним за Велес и Македонија и според него не  е само револуционер и поет, туку и нешто многу повеќе, а понатамошните истражувања, како што најави Павловски, треба да дадат и нови сознанија за големината на Коста Солев Рацин. Свеченоста беше збогатена со настап на црковниот хор „Свети Пантелејмон“ под диригенство на проф. Славица Ставрева, со што заврши и програмата на годинашните 53. Рацинови средби во Велес.

АНКЕТА »

Како ви се допаѓа сообраќајното решение за улицата 8 септември од Сармаале до Коњаникот

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »