речник контакт

Со ретроспективна изложба за 50 години творештво, Ангел Димовски Чауш се претставува и во родниот Велес (фото)

Изложени се дела од два негови циклуси, 20 скулптури изработени во бронза и алуминиум, потоа 20 слики- објекти во комбинирана техника каде има спој од скулптурата и сликарството

Петар Печков

Во Ликовниот салон во Велес беше отворена ретроспективната изложба на Ангел Димовски Чауш  „50 години творештво“.   Просторот  од салонот, беше преполн со гости, одамна не бил така исполнет, бидејќи авторот е роден во Велес и дел од животот тука живеел.

„Се собравме да оддадеме почит и слава на уметноста а во чест на мојот голем 50 годишен јубилеј. Тоа е импозантна бројка на творештво  со импозантен број на дела, приближно 200. Иако се работи за долг период на творење, уметниците имаат  уште мотиви, енергија и љубов за работа, па се надевам дека здравјето и снагата  ќе ме служат и понатаму, за еден ден повторно да се видиме, со нови дела,  по повод некој друг јубилеј. Драго ми е што вечерва во родниот Велес се видов со многу блиски луѓе, со кои сум ја минал младоста и најубавите години. Од срце ви се заблагодарувам што дојдовте“ - кажа Димовски.  

Тој  40 години секое лето престојува во Франција, на Азурниот брег, каде работно го минува летото, како портретист и карикатурист, соработува со тамошни галерии.

Поради ограниченоста на просторот во Велес изложени се мал дел од неговите дела. Изложени се  дела од два негови циклуси, 20 скулптури изработени во  бронза и алуминиум, потоа 20 слики- објекти во комбинирана техника каде има спој од скулптурата и сликарството. Иако со намален број на вработени, Народниот музеј како организатор, одлучи работното време на Ликовниот салон да биде од 9 до 19 часот, за што повеќе велешани ја видат изложбата.

„Преку уметничкото изразување, претставени се конкретни артефакти или симболи кои се уште инспирираат, обликувани во модернистичка обработка со личен израз кој го категоризира уметникот. Визуелната моќ на симболите, колоритот, пастелните претопувања, суптилно раскажуваат за авторовата творечка физиономија“ - кажа Елица Николова, историчар на уметноста и промотор на изложбата.  

Ангел Димовски- Чауш  факултет за применета уметност, отсек вајарство, завршил во 1973 во класата на професор Димо Тодоровски. Со отворањето на Факултетот за ликовна уметност  го завршил во 1984 година  отсекот за вајарство со театарска, филмска и телевизиска сценографија, во класата на професорот Петар Хаџи Бошков.

АНКЕТА »

Како ви се допаѓа сообраќајното решение за улицата 8 септември од Сармаале до Коњаникот

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »