Петар Печков
Објавено: среда, 15 февруари 2012
Храна и лекови до завеаните велешки села се доставува со хеликоптер а не е извесно кога селаните ќе бидат ослободени од снежниот оков. Непроодни се патните правци кон селата Ветерско, Слп, Белештевица, Карабуниште, Џидимирци, Рудник, Лугунци и Р’левци, а жителите на овие села се отсечени од светот дваесетина дена.
Точно е дека се отсечени неколку населени места, каде со само неколку жители. Во некои од нив со хеликоптер на АРМ беше дотурена храна и лекови. Во наредните денови ќе продолжи доставата на овој начин. Тие се оддалечени по 5-10 км кои се со тешка конфигурација на теренот и невозможно е да се стигне до нив. Сепак преку 99 отсто од населението во велешко има проодни сообраќајници а за жал во овие планински села не е можно засега да се стигне по земјен пат. Кога ќе се смири состојбата во овие планински села, ќе овозможиме со механизацијата да се исчисти локалниот пат – изјави Горан Петров градоначалник на Велес.
Од Центарот за управување со кризи информираа дека во општина Велес во текот на денот се расчистуваат патните правци кон селата Отовица, Иванковци, Сојаклари, Мамутчеви и Црквино.
Во општина Градско во текот на денот се работи на расчистување на патните правци према селата Долно и Горно Чичево и Подлес. Исчистен е патот до Г. Чичево, а уште 1 км до Подлес останува да се чисти.
Во општина Чашка се работи на расчистување на патот кон с.Горно Јаболчиште, Врановци и Габровник. Селото Крајници е отсечено. Исто така отсечени се селата: Мокрени, Габровник, Ораов Дол, Бистрица, Црешнево, Ореше и Нежилово ( во реонот Азот). Во текот на вчерашниот ден е чистен патот до селата Лисиче и Дреново, овој патен правец ќе се чисти и во текот на денешниот ден.
Локалниот пат кон селото Г. Јаболчиште е пробиен и оспособен за сообраќај. Во областа Азот во попладневните часови се пробиени и патиштата и кон селата Мартолци, Оморани и Ново Село. Овие правци треба да се прошират и да се третираат со сол и ризла, а тоа ќе се изведе во следните денови.
Tweet |