Петар Печков
Објавено: петок, 21 декември 2018
Среда вечер 26 деекмври, гала новогодишен концерт на македонската опера, каде ќе бидат изведени најпознатите арии од оперските дела. На сцената на велешки театар доаѓаат 70 гости од кои 53 се членови на оркестар и 7 првенци на операта.
Ќе настапат Весна Гиновска Илкова, Славица Петровска Галиќ, Зоран Сотиров, Ристе Велков, Ана Ројдева Талевска, Наде Талевска и Ѓорѓи Цуцковски. Тие за велешката публика самостојно и во дует ќе изведат арии од најпопуларните светски оперски дела: „Кармен“ од Жорж Бизе, „Риголето“ и „Травијата“ од Џузепе Верди, „Мадам Батерфлај“ и „Турандот“ од Џакомо Пучини, „Севилскиот бербер“ од Џоакино Росини, „Ромео и Јулија“ од Шарл Гуно и „Хофманови приказни“ од Жак Офенбах. Почетокот е во 19,30 ч. и влезот е бесплатен.
Верувам дека овој настан, ова празнична честитка, ќе остане во трајно сеќавање на публиката. Ова е ретко музичко доживување во Велес - кажа градоначалникот Аце Коцевски. Последен пат во Велес во живо операта гостувала во 2005-тата.
Градоначалникот најави дека наместо нови новогодишни украси, календари и други промотивни материјали општината ќе ги донира на 100 социјално најзагрозени семејства од Велес. Вкупната вредност на донацијата е 300.000 денари. Податоци за семејствата ќе се обезбедат во соработка со Меѓуопштинскиот центар за социјална работа. Секое од овие 100 семејства кои се соочуваат со социјални проблеми, пред новогодишните празници ќе добие по 3000 денари.
Одлучив средствата да ги донираме на социјално најзагрозените семејства и да придонесеме овие наши сограѓани да имаат убави и исполнети празници со своите семејства. Да ги заборават проблемите и грижите и барем за момент да ја почувствуваат топлината и радоста на празниците - рече Коцевски.
Tweet |