речник контакт

Сретение Господово, 15 февруари

Меѓу дванаесетте големи христијански празници спаѓа и празникот Сретение Господово, што секогаш се празнува 40 дена по Рождество Христово.Меѓу народот се вели дека Сретение е празник кога се сретнуваат зимата и пролетта и дека по овој празник не може да има такви студови како пред него.

Петар Печков

Според еврејските закони жената што родила машко дете се сметала нечиста 40 дена по породувањето, а таа што родила женско 80 дена. Потоа морала да појде во црквата и да даде јагне за откуп на гревовите. Сиромасите наместо јагне давале две грлици или два гулаби. Според овие обичаи и Богородица на 40-тиот ден по раѓањето го однесла Исуса во црквата за да го посвети на Бога, а самата да се очисти.  Во тоа време во црквата служел праведниот свештеник Захариј, таткото на св. Јован Крстител. Тој ја ставил Богородица на местото за девојките, а не за жените.

Во тоа време таму затекнала еден побожен старец по име Симеон кому претходно светиот дух му беше претскажал дека нема да умре се додека не го види Спасителот.

Кога Богородица со Исуса пристигнала во црквата старецот Симеон возбуден го подигнал малиот Исус и му благодарил на Бога  Потоа Симеон и ги претскажал на Богородица страдањата на нејзиниот син, што ќе бидат причина и за нејзините страдања.

Во тоа време во храмот влегла и пророчицата Ана, побожна старица на осумдесет и четири години која знаела за раѓањето на Спасителот.
Фарисеите присутни во храмот се налутиле на Захариј што Дева Марија ја ставил на местото на девојките и за тоа го известиле царот Ирод кој се посомневал дека новороденото е Спасителот за кој му зборувале мудреците од Исток поради што веднаш испратил луѓе да го убијат. Но ангелот претходно му соопштил за опасноста на светото семејство и тоа веќе било на пат кон Мисир, подалеку од дофатот на злогласниот цар Ирод.

Во спомен на оваа средба на Исус и Богородица со праведниот старец Симеон и пророчицата Ана во црквата востановен е празникот Сретение Господово што секоја година се празнува на 15 февруари. Овој празник се празнувал од самиот почеток, но посвечено празнување е востановено особено од 544 година за време на царот Јустинијан.

На иконата се гледа старецот Симеон кој во рацете го земе малиот Исуса, а се гледаат и Богородица, пророчицата Ана и свештеникот Захариј како и двата гулаба што Богородица ги принесла како жртва.

Следниот ден по Сретение Господово односно на 16 февруари светата црква го празнува споменот на старецот Симеон и пророчицата Ана.


АНКЕТА »

Како ви се допаѓа сообраќајното решение за улицата 8 септември од Сармаале до Коњаникот

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »