Петар Печков
Објавено: понеделник, 16 јуни 2014
Неодамна станарите од трите социјални згради во населбата Тунел од Велес, ги добиле документите за откуп на становите. Но тоа што пишувало на хартијата било поразително за поголемиот дел од 144 семејства кои тука живеат седум години. Откупната цена била 600 евра за квадрат, што за поголемиот дел од семејствата е неприфатливо и превисоко. Поради ова, тие со протест пред зградите го искажаа нивното незадоволство и револт.
Ни нудат да ги откупиме становите од 550 до 600 евра за квадрат оти биле во прва зона, на улица Благој Ѓорев. А сите сметки кои ги добиваме се на улица Живко Фирфов, која е во третата зона. Продажната е цената за квадрат е во ново изградените згради во центарот на градот а ние сме на периферија. Или во договорот пишува ако не ги откупиме ќе плаќаме кирија значително повисока од досегашната – велат станарите.
Тие веќе реагирале до надлежните до АД за стопанисување со станбен простор но одговор не добиле. Затоа бараат средба со надлежниот министер за транспорт и врски, за да добијат поволни услови за да ги исплатат, оти додаваат, сакаат ама не можат со понудените цени.
Нашите барања се становите да можеме да ги откупиме по цена од 200 до 250 евра квадрат, на отплата на 30 до 40 години и станарината што сме ја плаќале досега да влезе во масата за откуп, без 30 отсто учество – вели Димко Наумовски станар во овие згради.
Тие имаат еден месец рок до кога треба да се изјаснат, дали ќе ги откупуваат становите или ќе се иселат. Поголемиот дел од 144 семејства кои живеат во овие три згради се со ниски примања, социјални случаи, самохран родител, родители на деца со посебни потреби, млади брачни парови. Стравуваат дека ќе останат без дом оти биле со минимални примања, со кои тешко излегуваат на крај и дека можат да завршат на улица. И досегашните кирии биле високи па дел не можеле да ги платат и имаат заостанати сметки.
Tweet |