Петар Печков
Објавено: среда, 27 јули 2011
Парна локомотива стара 90 години е подмладена и во подвижна состојба, подготвена да при превезе првите нови патници. Откако пред многу децении била дел од славната композиција Париз – Атина, потоа со години собирала прашина, сега повторно ќе сообраќа, макар и за потребите на филм.
Таа иако се наоѓа на споредните колосеци на Железничката станица Велес, го привлекува вниманието на патниците со новиот изглед, офарбана и освежена. За потребите на филмот на Столе Попов ,,Приказна за Дивот Запад,, Фабриката за шински возила ,,Колска,, неуморно работеше три седмици да ја направи како нова, на задоволство и на вработените, но и на продуцентите.
Го репариравме надворешниот изглед по барање на продуцентот Данчо Чевревски за филмот што ќе се снима следната година. Ова локомотива беше запуштена и оставена, заборавена. Зафатот за нас беше од големо значење бидејќи докажавме дека можеме да и го вратиме стариот сјај. Истовремено оваа задача беше емотивна и за работниците оти вративме во живот една локомотива. Задоволство е што имаме капацитет и луѓе да работиме - вели Александар Атанасов директор на Фабриката за шински возила ,,Колска,,.
Локомотивата е тешка 30 тони, германско производство од 1913 година и е за три години постара од фабриката која ја обновуваше. Оваа локомотива заедно со уште една, со која се на ист колосек се единствените што останале во железницата, бидејќи се друго е искасирано, објаснуваат од МЖ. Вработените од Колска на неа работеле 20 дена и за префарбување потрошена се 120 лити црна боја и 3 литра црвена боја.
Локомотивата беше во очајна состојба кога ја донесоа. Се радувавме на секој нов ден, кога ја работевме и на нејзиниот изглед. Сега е наша гордост и со задоволство ја покажуваме на нашите пријатели. За мојот три децениски ангажман во фабрикава, ова е најзначајниот момент – вели еден до постарите работници во Колска.
За илустрација го раскажуваат случајот кога во фабриката дошле гости бизнисмени од Италија, кои половина час не можеле да се симнат од локомотивата и со неа се сликале безброј пати. Таа може да се движи со помош на друга машина. Освен неа, во Колска го изработиле безбедносниот систем на три вагони, кои се потребни за снимање на филмот. Локомотивата е од видот Шварцкопф и таа е една од 647-те произведени во Германија и таа влечела брзи возови бидејќи развивал брзина до 80 км/час. Била дел од познатиот експрес возот Париз - Атина, кога минувал на територијата на Македонија. Тогаш се возеле и парни локомотиви од видот Бросиг, од која тогаш биле изработени 542 парчиња и еден `рѓосан и запуштен примерок се наоѓа на велешката станица, лоцирана до оваа постојната.
Режисер на филмот ,,Приказна за Дивиот Запад,, е Столе Попов по сценариото на Горан Стефановски и треба да започне да се снима напролет до година.
Дејството на приказната се случува во првата деценија на 20 век. Филмот е сурова, но романтична љубовна приказна. Во него се среќаваат легендите и раскажувањата, со актуелната реалност на суровиот живот, низ македонската историја исполнета со супер историски апсурди. Антивестерн, пандан на традиционалниот американски вестерн, филм излегува од просторот на кој од памти век се среќаваат и судираат западната и источната цивилизација.
Парните локомотиви четири децении во пензија
Од 1972-та парните локомотиви не сообраќаат на територијата на Македонија, тогаш ги имало 26. Уште во тогашна Југославија половината биле препарирани, однесени за Риека со брод пренесени за Африка, каде биле продадени. Останатите, пред пет –шест години продадени па сега се останати само две и тие се на станицата во Велес.
Оваа локомотива веќе има филмско искуство со ,,Булки крај шините,,
Во 1980-та година истата локомотива била употребена за снимање на телевизиската серија ,,Булки крја шините,, се потсетува тогашниот машиновозач Илија Тончаров од Велес . Тој ја возел моторната со чија помош се движела парната локомотива Шварцкопф. Открива и еден трик, за да излегува дим од оџакот, во машината гореле гума од тркало за да биде што поуверливо. Снимањето било на железничката станица Стари Град на пругата Велес - Битола.
Tweet |