Петар Печков
Објавено: среда, 06 март 2013
Стоковната куќа ,,Бос,, во новиот дел на градот е пред затворање се жали нејзиниот сопственик. Причина за ова се бројните времени објекти во близина на објектот, кои од обични кисоци станале маркети. Тој за овој проблем се жалел до локалната власт во неколку наврати а побарал помош и од државните институции. Така зградата според сопственикот вредна милион евра е фрлена во сенка на ,, тенеќи маало ,, како што ги именува соседните дуќани, Илија Босилков, газдата на Стоковна куќа ,,Бос,, , лоциран на улица Благој Ѓорев.
Пред мојот објект се поставени четири бараки, пиљарница, ќебапчилница, бакалница и сендвичарница, кои од времени објекти станаа маркети. Тие го затворија приодот до Стоковната куќа , па ни влезот не се приметува повеќе, не можам роба да донесам. Досега поднесов 19 пријави до инспекциите и подрачните единици. Ни некој ме прима, ни разговара со мене, ништо од најавата граѓанинот на прво место. Мене ме нема никаде. Затоа оваа репрезентативна зграда е пред затворање. Од обични киосци од 5 метри квадратни сега станаа маркети со површина од 50 метри квадратни. Тие не смеат да се продаваат, да се даваат под наем. Иако сите го знаат тоа во локалната самоуправа молчат – вели Босилков.
Тој половината од вработените веќе ги отпуштил, а познатата хрватска марка ,,Вартекс,, која сакала да ја изнајми зградата за нивен продажен објект се откажала кога видела какво окружување имало. Објектот кој има простор од 500 метри квадратни, е на три ката и е меѓу поубавите го градот. Босилков се пофали дека за комуналии за изградба платил 40 илјади евра, лустерите со кој се осветлува биле по две илјади евра, а секој месец плаќал по 6 илјади давачки кон државата за даноци. Но и покрај убавиот изглед, тој се помалку е посетуван од потрошувачите. Босилков се жали дека му се уништува бизнисот.
Улицата Благој Ѓорев стана од најубава, дива. Од другата страна можете да видите дека иако под зградата наречена Убавица има деловен простор тој не се користи од 20 дуќани работат само 6, останатите затворија. Се започна кога се дозволи пренамена на гаражите кои се до улицата. Така луѓето кои платија по 30 илјади евра за тој простор, сега ги затворија а гаражите се преуредија за 5 илјади и станаа бутици. Еве преку ноќ таму за еден месец се уредија пет нови дуќани а немаат дозвола за пренамена. И како сега да функционирам јас – рече Босилков.
Освен него и сопствениците на Автобуската станица неодамна побараа да се отстранат времените објекти околу неа, а по реакциите на патниците дека додека чекаат автобус имаат впечаток дека се во некоја кафеана, поради бројните угостителски објекти во околината. Од општина Велес писмено информираа дека Босилков досега нема до прозваното одделение за Урбанизам поднесено ниту едно барање, по кое тие би постапиле. ,,,Доколку достави барање, по него ќе се постапи согласно одредбите на Законот за градење,, стои во писменото соопштение од Општина Велес.
Познавачите на оваа проблематика велат дека ниту еден времен објект во градот нема добиено дозвола за работа. Згора на тоа со новите законски надлежности градежниот инспектор ги има комплетните ингеренции од барање за отстранување до самото дислоцирање на објектите.
Tweet |