речник контакт

Сто илјади евра глоба за Маслодајна, за пожарот во силосот каде изгореа 400 тони пелети сончоглед

Одговорните лица од Маслодајна ја прифатиле вината и се согласни за спроведување на постапка за спогодување за намалување на висината на казната

Петар Печков

Општина Велес, преку надлежната инспекција за животна средина,  со сто илјади евра глоба, ја казни велешка Маслодајна заради пожарот во силосот кој се случи на 27-ми септември, информираа локалните власти. Казната е висока оти е квалификувана како највисока, од трета категорија. Критичниот ден, во еден од силосите, дошло до само запалување на пелетите со сончоглед, увезени од Бугарија. Поради огнот, мирисот на гареж и чадот, велешани силно реагираа. 

Од страна на овластениот инспектор за животна средина на Општина Велес, во врска со спроведената инспекциска постапка во ПИ Благој Ѓорев АД Велес по случениот пожар во силосот за пелети, е констатиран прекршок од III-та категорија за кој е предвидена глоба во износ од 100.000 евра за правното лице и 30% од одмерената глоба за одговорното лице во правното лице - информираа од Општина Велес. 

За овој вид на прекршок согласно Законот за животната средина е предвидено спроведување на постапка за спогодување, која се води пред Комисија за спогодување формирана од  Министерот за животна средина и просторно планирање. Одговорните лица од Маслодајна,  го известиле  инспекторот дека се согласни за спроведување на постапка за спогодување.

На Седницата на Комисијата, која дополнително ќе биде закажана од Министерството, во присуство на претставници на правното лице и на инспекторот за животна средина, ќе се расправа за висината и начинот на плаќање на глобата , но и за мерките кои треба да ги преземе сторителот на прекршокот за да ги отстрани последиците -дополнија од локалната власт.  

Самозапалувањето на пелетите  и техничката неисправност на сондата, која ја мери температурата во внатрешноста се причините за пожарот, констатираше  надлежниот општински инспектор за животна средина по извршениот вонреден   инспекциски надзор   на Маслодајна. Пелетите гореа десетина дена, при што изгореа 400 тони, колку што беа складирани во силосот. 

Маслодајна се уште немаа ,,Б,, интегрирана еколошка дозвола, која е во постапка од 2013-та, но имаат дозвола за усогласување. Најголема пречка за добивање ,,Б,, дозвола биле котлите за работа. Во фабриката имало три котла, два на мазут, еден на пелети. 

АНКЕТА »

Како ви се допаѓа сообраќајното решение за улицата 8 септември од Сармаале до Коњаникот

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »