речник контакт

Судија и поранешен заменик јавен правобранител за Велес добија по 15 дена притвор

Судијата Благој Анѓушев од Основниот суд во Велес и поранешниот заменик јавен правобранител за Велес Никола Димовски добија по 15 дена притвор, откако...

Петар Печков

Судијата Благој Анѓушев од Основниот суд во Велес и поранешниот заменик јавен правобранител за Велес Никола Димовски добија по 15 дена притвор, откако против нив СВР  Велес поднесе кривична пријава за несовесно работење во службата.

Од завчера на полноќ тие две седмици ќе бидат во истражниот затвор во КПУ Затвор Скопје.

Судијата во текот на истрагата се повикал на судскиот имунитет, поради што Судскиот совет на Република Македонија на итна седница решаваше по ова прашање. Со нивна  одлука  тие му го одзедоа имунитетот  и одобрија определување на мерка притвор за судијата Благој Анѓушев.  Неговиот адвокат вели дека постапката на полицијата, истражниот судија и обвинителството била коректна, но дека притвор не е потребен.

- Осомничениот судија Анѓушев не може да влијае на сведоците и да ја попречи истрагата, бидејќи сите релевантни податоци изјави на сведоците и учесниците во овој случај се наоѓаат во неколку предмети во Основниот суд во Велес и очекувам дека тој наскоро ќе биде на слобода - изјави Борче Стојанов адвокат на Анѓушев.

Со слично мислење е и адвокатот на екс правобранителот  Тони Димковски. И двајцата ја обжалиле оваа одлука за притвор на нивните клиенти. 

Во ноември  месец  инспектори од одделот за организиран криминал при МВР  недела дена престојуваа во Велес и ја испитуваа продажбата на Домот на АРМ . Тие неколку месеци работеле на случајот  што резултираше со кривична пријава против двајцата функционери.

Продажбата на Офицерскиот дом во Велес која беше по пат на тендер е спорна бидејќи рокот за плаќање на понудената  сума од 244 илјади евра кој бил осум дена,  сопственикот Кољо Мечкаров не го испочитувал. И покрај тоа  на 26 мај 2005 година судијата Благој Анѓушев му издал решение за сопственост, потврдувајќи дека тој ги уплатил парите, само врз основа на извод од сметката на фирмата на Мечкаров на која ја имало потребната сума.

Таквото решение не го обжалил тогашниот заменик правобранителот Никола Димовски, иако немало никаков доказ дека домот е платен. Тоа подоцна  го утврдила и Владата па им наложила на Министерствата за одбрана и финансии да го поништат тендерот.

Сепак со судското решение кое го добил, Мечкаров успеал да  извади имотен лист. Сумата од 244 илјади евра, сопственикот  Кољо Мечкаров ги уплатил минатата година само еден ден откако државата од судот си го побарала имотот назад. Заменикот јавен правобрантиел Никола Димовски и покрај дописите од МО не поднел жалба до Апелациониот суд по што пресудата на Анѓушев за сопственоста на објектот на 15 јуни мината година станала правосилна.

АНКЕТА »

Како ви се допаѓа сообраќајното решение за улицата 8 септември од Сармаале до Коњаникот

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »