Петар Печков
Објавено: четврток, 24 јануари 2013
Тројца велешани за насилство добија 32 месеци казна затвор, затоа што со палки претепале сограѓанин. Благој Миланов викан Штркот доби една година затвор,а Александар А. И Илија Д. се осудени на по десет месеци затвор затоа што грубо го претепале Ј.Т.
Според обвинението на 4-ти април 2011 година околу 21.00 часот во близина црквата Св. Богородица во Велес, четиричлена група извршила грубо насилство врз Ј. Т. и при тоа телесно го повредила. Додека тој се возел кон дома со автомобил марка Пежо 107, бил пресретнат од две возила, едно голф кое било зад него и друго пасат кое му го попречило патот.
Сега покојниот Благој Стефановски и обвинетиот Благој Миланов излегле од возилото голф а Александар А. И Илија Д. од возилото пасат и започнале со дрвени палки да удираат по стаклата и по каросеријата на пежото и го искршиле. Потоа четиричлената банда со палките продолжиле да го удираат оштетениот во пределот на главата, лицето и рацете, по што тој почнал да бара помош. Штркот и Кучето влегле во пежото и продолжиле да го удираат, му се обратиле со зборовите „Чекај, чекај уште имаме нешто за тебе“ .
По ова Ј.Т. се исплашил, скокнал од возилото и паднал на земја а Миланов продолжил да го тепа со шипка по грбот. Од сведоците била повикана полиција, која бргу дошла, напаѓачите побегнале а Ј.Т. бил однесен во велешката Болница каде биле констатирана тешки телесни повреди на главата, градниот кош, телото. Настанот имал тројца сведоци, кои ги препознале напаѓачите пред судот, но тие не реагирале никако додека бил тепан Ј.Т. дури едниот влегол во автомобилот и се оддалечил.
Во ова кривично дело четврт учесник бил Благој Стефановски викан Кучето, но тој во меѓувреме беше убиен. По месец дена од овој настан настан, Кучето и Штркот беа зачекани во заседа и застрелани со 33 куршуми, по што Стефановски загина а Миланов ранет.
Tweet |