Петар Печков
Објавено: петок, 04 септември 2020
Сеќавање, како беше формирана, работеше и постоеше, велешката поп група Ла Манш, изворно од Горан Мишев Мишка
Точно пред 30 години, беше формирана групата Ла Манш. Убаво е што денес може да се потсетам на тие денови, но и годните потоа, снимање, концерти, работа...
Групата Ла Манш е мој проект, името на групата го дадов по филмот Исправи се Делфина, кога таа го препливува каналот Ла Манш. Дури имавме и една песна со тој наслов. Во муизичкиот, креативен дел од работата во групата беа вклучени Роберто Панчевски и Роберт Трајков.
Во тоа време членови беа и Иле Трајков, Влатко Тевчев и Драган Темелковски. Другите доаѓаа на кратко, си заминуваа, се дружевме, свиревме.
Групата ефективно и со полна пареа работеше од 1990-та до 1994-та, во кој период снимивме два албуми, на касета, за продукцијата на МРТВ. Ла Манш во овој период важеше за една од најпопуларните во земјава, бевме чести гости на телевизија, снимавме емисии, гости на радио.
Пробавме, работевме и триото јас, Панчевски, Трајков, сите тројца имаме песни на овие албуми. Да се знае дека пејачот на овие два албуми е Иле Панов - Чарли.
Нашето прво официјално појавување во јавноста беше на Поп-рок Фестот во МКЦ во Скопје 1990-та. За тоа постои аудио запис, со по една снимка од сите финалисти, меѓу нив и ние.
Првата демо снимка беше „Како да и кажам“, која ја снимивме каде се сега дуќаните на приземје од Интернационал. Настапувавме на избор на Мис на Македонија 1992-та во Хард рок клубот, каде гостин беше и Бајага. Му бевме пред група него во јули 1992-ра во дискотека Занзибар во Кавадарци.
Имаме 15 концерти низ Македонија во 1993-та а таа година Џаро не ангажираше и февруари -март, бевме придружен бенд на Здравко Чолиќ, на неговата турнеја низ Македонија. Свиревме дури и во нашиот Велес во салата 25 мај.
По 1994-та остана името на групата но не и изворните нејзини членови. Вложивме дел од себе за оваа група и оставивме силна трага во музичката историја на градот и на Македонија.
Хитовите Девојките околу нас, Се би било поинаку, Малечка, Нова година и дедо Мраз, одбележаа едно време. Видеото од прославата на прогласувањето на независноста на 8-ми септември 1991-ва вечерта на плоштадот во Скопје, заедно со тогашниот државен врв ќе остане историја и за Велес и за Македонија.
Tweet |