речник контакт

Турски специјалитети за велешани

Бројните посетители се уверија дека македонската и турската кујна имаат многу сличности. Јадењата кои ги сретнаа а беа уверени дека се македонски турлитава, мусака, кори, јајчаник, полнети пиперки, јанија, дознаа дека имаат турско потекло.

Петар Печков

Специјалитетите на турската кујна  беа подготвени за велешани,  за неполн половина час беа изедени. Во чест на муслиманскиот празник Рамазан Бајрам, саботата во Младинскиот парк беа изложени десетина солени јадења и уште толку благи  десерти, од вредните раце на домаќинките кои  два дена ги подготвуваа, за нивните пријатели, соседи, сограѓани.  Бројните посетители се уверија дека македонската и турската кујна имаат многу сличности. Јадењата кои ги сретнаа а беа уверени дека се македонски турлитава, мусака, кори, јајчаник, полнети пиперки, јанија, дознаа дека имаат турско потекло.

Нашите сопруги, сестри, мајки  подготвија домашни  јадења, кои се карактеристични за турската кујна и истите им ги нудиме на нашите сограѓани. Гужвата и интересот што владее за оваа манифестација зборува за соживотот кој го има во нашиот град и уште повеќе ќе го зацврстиме – вели Бејхан Мемедов претседател на  здружението на граѓани ,,Јани Хајат,, од Велес.

Велешани видоа специјалитети на турската, но кои се подготвуваат и во македонската кујна. Меѓу бројните јадења, вниманието го привлече лахмаџун, нешто ново, кое досега велешани не го виделе а не спаѓа во традиционалните, познати и карактеристични за оваа кујна. Педесетината парчиња отидоа како алва, за кратко време а сите побараа уште по еден примерок, но него го немаше. Наликува на грчкиот гиро, но е различен не уверуваа домаќинките.

Се состои од два дела, тесто, кое се пече како палачинка но е подебело. Се премачкува со мелено место кое има сос и се додава сезонска салата. Дека е вкусно видовте и смаи, го снема за неколку  минути -  вели Селвие Амедова, домаќинка од Велес, која го видела за прв пат при посетата на Истанбул пред некоја година, го научила, па  сега го подготвува дома и нуди на нивните гости. Таа подготви и пилав, без месо но со фиде. И тој бргу го снема до трпезата. На петнаесетината маси имаше и многу благи работи, раванија, шеќерпаре, татлија, кадаиф,  баклава, локум

Подготвив повеќе работи, два дена ги печев и спремав. Сакам сите мои сограѓани, кои се дојдени тука  да вкусат нешто добро и да посакаат пак да јадат од нив – вели Фарие Исмаилова сопруга на Пампурот, кај велешани најпознатиот продавач на шеќерлемиња и благи работи. Таа е горда што сите овие работи ги научила кога дошла кај свекрвата. Ова е втора година како се одржува оваа манифестација. Велешани и покрај жешкото сонце, дојдоа во голем број да вкусат  од храната на нивните турски сограѓани

  Доаѓам по втор пат на манифестацијата. Прекрасно е. Ова е можност да се дружиме, меѓусебно да се запознаеме. Мене соседи ми се Турци и имаме одличен однос. Живееме како сестри, заедно сме повеќе од 30 години. Тие доаѓаат кај нас за Велигден и Божик, ние кај нив за Курбан и Рамазан Бајрам. Имаме долго пријателство, кое не може никој и со ништо да ни го наруши – вели Ленче  Пепелашева.

Таа смета дека оваа манифестација е потребна на градот, за да можат помладите да се научат на различностите на другите, па макар тоа било и од храната и јадењето.   Нејзина сосетка е Демиран Мемедова, која вели дека само спиењето ги дели со Ленче, драго и е што имало толку многу народ на средбата. На неа беше прикажан и дел од турскиот фолклор, народните песни, ората и носиите.

Средбата се одржа  втора година по ред, беше по повод празникот Рамазан Бајрам, а во спомен на Кемал Ататурк, таткото на модерна Турција. Манифестацијата за отворена ја прогласи градоначалникот на општина Велес, Горан Петров. На неа  гостин беше и  министерот без ресор Хади Незир, за кого таа е многу важна за продлабочување на македонско-турското пријателство.

АНКЕТА »

Како ви се допаѓа сообраќајното решение за улицата 8 септември од Сармаале до Коњаникот

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »