Петар Печков
Објавено: петок, 18 декември 2020
Тутунопроизводителите од велешко, два часа го блокираа влезот во Велес од правец на Скопје, кај Башино село. Тие не се задоволни од цената која им ја нудат откупувачите. На протестот, од 13 до 15 часот, имаше производители од Чашка, Овче Поле, Бузалково.
Се откупува само високо квалитетниот тутун, кој до лани го ценеа како прва и втора класа, сега е пониско. И цената е пониска, го земат за 160 до 180 денари. И затоа просечна откупна цена е 165 денари. И јавноста е во заблуда, мислат дека ние, производител бараме многу. Високо квалитетниот тутун го земаат, другиот ни го враќаат - вели производител од Чашка.
Тој произвел пет тони тутун а му било да понудено да му биде откупен само два тони. Се жалат дека производителите ги уценувале, ако не го предадат тутунот, им се заканувале дека следната година, во март нема да потпишат со нив договор. Велат сo таква уцена, тутунот ќе бил засаден на помали површини.
Лани и пред тоа тутунот според квалитетот одеше повеќе во прва класа, сега повеќе е трета класа. Само една кутија ми дадоа прва класа. Ми рекоа да го доработам. Ами немам сто кила, имам десет тона, кој ќе го доработи. Цело Бузалково живее од тутун, сега ни ја скратија егзистенцијата. Имам 50 хектари државно земјиште под наем. Имам и жито, годинава и тоа беше со ниска откупна цена. Ами како да живам јас и мојата фамилија. Од што со вакви ниски цени - рече Аднан Салија од Бузалково.
Најавуваат дека протестите ќе продолжат, затоа што тутунот им бил единствена егзистенција. А со цената која им се нудела, не можеле да ги покријат трошоците за работа а не и за живеачка.
Tweet |