Петар Печков
Објавено: петок, 24 март 2017
Пешачките премини во градов се малку препознатливи, скоро и да ги нема. Велешани реагираат што одамна се избришани така е доведена во прашање безбедноста на пешаците.
Револтот е присутен подолго време кај граѓаните, без оглед на возраста и дали е пешаци или возачи. Нивното фарбање од минатата година започна да го врши ЈКП Дервен.
Само што лани пролетта ги фарбаа , пешачките премини исчезнаа. Минеме преку улица по сеќавање. Не сме сигурни на улица, колку пати сме чуле удрен е пешак на пешачки. Не се криви ни возачите, и тие не можат да ги видат овие знаци. Децата се најзагрозени. Нема оправдување што се чека повторно да се префарбаат, и што толку време чекаме – велат велешани, без исклучок.
Градоначалникот Славчо Чадиев го разбира и прифаќа револтот на граѓаните, но причината за неквалитетните фарбани пешачки премини ја лоцира во неквалитетна боја и не минувањето на тендерите пред Бирото за јавни набавки.
Секоја постапка за јавна набавка мора да мине посебна тендерска постапка, да се побара согласност од Советот за јавни набавки. Ни се случува по втор пат да ни ја вратат спецификација за обележување на улиците. Затоа не можеме досега да ги одбележиме. Третиот пат сигурно ќе минеме и ќе порачаме боја во вредност од два милиони денари, друг вид на боја. Неа ја користи ЈП Македонија пат и очекувам да биде подолготрајна. Лани со неа направивме на две –три места проба и се покажа дека е со повисок квалитет. За жал сегашнава се брише за еден месец - изјави Чадиев.
Тој најави дека ЈКП Дервен од половина на месец април, ќе започне со годинешново одбележување на хоризонталната сигнализација на улиците, вклучувајќи ги и пешачките.
Tweet |