речник контакт

Уредена е првата плажа на езеро Младост (Фото)

Ги потсетувам посетителите да ја чуваат урбаната опрема која е поставена - кажа градоначалникот Коцевски

Петар Печков

Уредена е  „Првата плажа“ на езеро Младост, на влезот од правец на Велес, на површина од пет илјади метри квадратни. Таа првите гости може да ги прими овој продолжен празничен викенд. 

Се поставија  соблекувална, тушеви, чешма, пристапна патека која е прилагодена за лицата со попреченост, сламени  чадори заштита од сонце, се постави песок на плажата, санитарии, се изградија скалила, забавен парк за деца, потпорен ѕид и канал за атмосферска вода и водите од тушевите. 

Ова е прва уредена плажа на вештачката акумулација, откако езерото е изградено од 1961-ва година, потенцира градоначалникот на Велес.

Во пресрет на големиот празник Илинден, симболично ја предаваме на користење првата уредена плажа на езеро Младост. Обезбедивме вода за пиење. Ја обезбедивме плажата од  околните насипи. За најмладите има  детско забавно катче.  Плажата е прилагодена за лицата со попреченост.  Има систем капка по капка, посеана е трева да се зазелени околината. Обезбедивме и шест големи контејнери за отпад, за стакло, пластика. Ги потсетувам посетителите да ја чуваат урбаната опрема која е поставена - кажа градоначалникот Аце Коцевски. 

На забелешките од посетителите, во периодот додека се уредуваше просторот, зошто не се сече трската, Коцески потенцира дека таа не смее да се сече, заштитена е со Закон, поради мрестот на рибата.

На прашањето од ТрМр дали се надминати недоразбирањата со здружението „Македонски спасител“ и дали ќе има спасувачка служба, Коцевски најави дека ќе се договорат, иако од сезоната остануваат уште месец и нешто повеќе.

Коцевски изрази благодарност од  вработените од ЈКП Дервен, „Тргоцемент“ „Павер трејд“ и затворениците од затворот во Велес,   кои  учествуваат во изградбата и уредувањето  на плажата.  Инвестицијата е еден милион денари, обезбедени од општинскиот Буџет. На езерото има и две уредени плажи, тие се во рамките на двата угостителски објекти.

АНКЕТА »

Како ви се допаѓа сообраќајното решение за улицата 8 септември од Сармаале до Коњаникот

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »