Петар Печков
Објавено: понеделник, 04 октомври 2010
Со месец дена задоцнување започна учебната година за 600 ученици од ОУ Лирија од велешкото село Горно Јаболчиште. Откако локалната самоуправа на општина Чашка го именува за в.д директор Хамид Шаќиров на местото од досегашниот Јусуф Ахмедов, учениците го прекинаа штрајкот.
Поплаките од страна на родителите на децата се покажаа дека се оправдани, бидејќи тоа го констатираше и надлежната инспекција, пронајдени се низа неправилности во образовниот процес и работата на директорот, поради што низ законската процедура тој е сменет и именуван е нов – изјави Горан Пановски, градоначалник на општина Чашка.
Од училиштето најавуваат дека изгубените денови ќе се обработат, за што ќе ја известат надлежната инспекција која треба да го одобри тој план. Во училиштето Лирија во Горно Јаболчиште настава посетуваат 603 деца на мајчин албански јазик.
Tweet |