речник контакт

Фреска стара осум века откриена во Манастирот Св. Димитрија (фото)

Сто години пред раѓањето на познатиот холандски Херонимус Бош, непознат велешки автор на ѕидот од црквата кон крајот на 13 век,го нацртал Страшниот суд, по негово видувањe

Петар Печков

Фреска од Страшниот суд  е пронајдена  на внатрешниот дел  од манастирите Св. Димитрија крај Велес. Таа е во  нартексот  на црквата, на северниот ѕид  и до неа стигнаа  конзерваторите од Националниот   конзерваториски центар, кои деновиве работат на проект на конзервација,  во  овој верски објект.

Сто години пред раѓањето на познатиот холандски Херонимус Бош, непознат велешки автор на  ѕидот од црквата го нацртал Страшниот суд, по негово видување.   Оваа прекрасна илустрација на верското учење  е нешто многу вредно и фасцинантно, што одамна ја немам видено во Македонија.  Тоа е ретка композиција преставен од тој период - изјави   конзерваторот   Владо Мукоски од Националниот конзерваториски центар.         

Тој заедно  со  неколкумина колеги  од Националниот конзерваториски центар работат на конзервација на ѕидното сликарство во  манастирот Св. Димитрија во  Велес, проект финансиран од Министерството за култура.  Пред некоја година се откри стар живопис, кој датира од  крајот на 13 век. Лани се раслои еден дел, годинава  се продолжи со механичко суво чистење, при што е откриена фреската на Страшниот суд.

На неа   може да се виде риба како јаде човек, и повеќе морски животни, но и три  лица а еден од нив чита писмо. До ктиторот на црквата откриен пред некоја година, кој во рака ја  држи нејзината макета, деновиве е пронајдено писмо, кое поради оштетувањето засега не може да се  дешифрира. Според очекувањата тука  се забележани името на ктиторот и мотивот зошто тој решил да ја гради црквата, во кој период е градена.  

Од оваа фреска, прекрасен портрет, велемајсторски насликан, дава нова вистина,   може да се заклучи дека црквата е градена со Камбанаријата, наспроти тврдењата   дека таа е доградена откако е откопана во 18 век - додава Мукоски.  На ктиторот е раскошна одежда, каде има двоглав орел, кој бил симбол користен во  Византија а  подоцна прифатен од други народи и држави. 

Доколку се одобрат средства проектот за конзервација на фреските во  манастирот Св.  Димитрија ќе продолжат до година. Црквата  е еднокорабна градба над кој се издигнува кула со камбанарија - поради која е карактеристична и се издвојува со оваа своја посебност од другите средновековни цркви во Македонија. Манастирската црква е посветена на Великомаченикот и воин Димитрија, која  има интересна историја,

Црквата Св. Димитрија  била пет векови закопана, под земја  се до 1855-та година. По доаѓањето на Турците и топовското бомбардирање, манастирот бил затрупан. Ова според записите  било некаде пред 1400-тата година. Црквата била под земја се до  1855-та година, кога на воденичарот Петре Здравев, кој живеел близу, на сон во неколку наврати не  му доаѓал абер да ја  откопа црквата.

Во неговите настојувања, успеал да ги  убеди турските  бегови да му дадат дозвола, по што црквата навистина  била пронајдена. Затоа неговиот гроб е во дворот на манастирскиот комплекс.  Зографските работи ги извршил велешанецот Хаџи Коста Крстев.

Овој настан е овековечен  во внатрешноста на црквата на јужниот ѕид со натпис изработил Х. Косте Зограф и фотограф. Ова е недоволно истражен податок, дека уште во средината  на 19-ти век за прв пат во Македонија , далеку пред браќата Манаки, се   споменува занимањето  фотограф. 

 

АНКЕТА »

Како ви се допаѓа сообраќајното решение за улицата 8 септември од Сармаале до Коњаникот

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »