Петар Печков
Објавено: среда, 05 октомври 2011
Фондацијата за локален развој и демократија ФОКУС, по повод одбележувањето на „Неделата на детето“, започна хуманитарна акција под мотото „Од децата – за децата“. Целта на оваа акција е подигнување на свеста кај младите за хуманост, солидарност и да се поттикнат да го практикуваат донирањето.
Оваа акција ќе се одвива во сите основни училишта во градот, односно во училиштата „Благој Кирков“, „ЈХК Џинот“, „Св.Кирил и Методиј“, „Блаже Конески“, „Васил Главинов“ и „Рајко Жинзифов“ од с. Г.Оризари, со тоа што учениците во рамки на своите можности ќе можат да донираат училишен прибор, користени училишни ранци, облека, и обувки за своите другарчиња кои потекнуваат од социјално – немоќни семејства.
Донирањето ќе се организира посебно во секое училиште во текот на еден ден и со помош на членовите волонтери на младинскиот клуб „Фокус“, во истиот ден, донираните предмети, ќе бидат пренесени во просториите на Фондацијата.
Донираниот училишен прибор и облека на 17ти октомври на Денот за борба против сиромаштијата ќе им бидат поделени на децата на кои оваа помош им е најпотребна и кои се корисници на Фондот за поддршка на фондација „Фокус“.
Tweet |