Петар Печков
Објавено: недела, 17 март 2013
Повеќе од 150 години откако беа раштркани низ целиот Балкан од Русија, Черкезите се асимилираа во неколку земји и стравуваат дека се во опасност да го загубат својот јазик и култура.
Иако не постојат официјални податоци, се проценува дека од 3 до 5 милиони Черкези живеат во Турција, но ги има и во Косово, Албанија и Македонија. Черкезите, кои се претежно сунитски муслимани, беа раселени од нивната територија долж Црното Море по војната со Русија во средината на 19. век.
За време на конфликтот во 1999 година во Косово, некои черкески семејства се вратија во Русија преку програма за репатријација од руската влада. Денес, во Косово има околу 2.000 Черкези, кои се интегрираа во локалното албанско население.
„Проблемот е тоа што јас не го зборувам черкескиот јазик многу, а моите деца, освен некои зборови, не се во можност да добијат идеи за тоа каков бил нашиот јазик“, 51-годишната наставничка Садие Шуга од Приштина изјави заSETimes. „Татко ми и дедо ми ми кажуваа многу за тоа како сме дошле во Косово и за нашата традиција, но додека постарите генерации ја зачувале таа традиција, ние почнавме да ја губиме, па најдобро би било кога ние би можеле да имаме некакво образование на нашиот мајчин јазик или нешто што ќе ги заштити културата и јазикот“.
Во Косово има малку напори за да се зачува черкеската култура и јазик. Шуга, чиј сопруг е Албанец, изјави дека немала потешкотии да се асимилира.
„Отсекогаш сум се чувствувала како дел од албанската заедница, како и моето семејство. Ние пораснавме со албанските традиции, и тоа не претставува проблем“, изјави Шуга.
69-годишниот Абдука Кора, пензионер кој живее во близина на Тирана, рече дека е свесен за своето потекло, но рече дека другите Черкези кои живеат во Албанија се асимилирани од локалното население. Тој додаде дека меѓу изгубените културни елементи е одгледувањето коњи. Пред да бидат раселени од Русија, Черкезите одгледувале Кабарда коњи, познати по нивната издржливост и способноста да се приспособат на сурови средини.
„Нашите предци ни кажаа дека потекнуваме од Кавказ .... Ние сме ја наследиле традицијата на одгледување коњи. Ние одгледуваме коњи, но младата генерација не го прави ова повеќе затоа што не заработуваат пари со оваа работа“, изјави Кора заSETimes.
Кора рече дека неговото семејство го практикува исламот, но не можело да го зачува јазикот.
Билјана Сикимиќ, виш научен соработник во Институтот за балкански студии при Српската академија на науките и уметностите, изјави заSETimesдека историските перцепции за Черкезите како „силеџии, сурови, неприспособени“ сосема исчезнаа од колективната меморија на косовските Срби и Албанци.
Сикимиќ рече дека денес Черкезите се сметаат за „многу фини луѓе, вешти занаетчии“. Таа додаде дека нема мешани бракови помеѓу Черкезите и Србите и дека ниту Србите ниту Албанците не го зборуваат черкезкиот јазик.
Во Турција, Черкезите основаа десетици граѓански организации за продолжување на нивната култура и одржуваат настани и конференции. Сепак, многумина не се определуваат како Черкези.
Во Турција постои движење за создавање на правна и практична средина со цел нивните културни вредности да се сочуваат, како и да станат повидливи во општеството. Заедницата, исто така, очекува новиот устав на Турција да го обезбеди правото на само-изразување за сите културни групи.
„Емитувањето на програми на черкески јазик на државната радио и телевизија ТРТ е многу недоволно. Секоја недела има само една програма која трае половина час, а во последно време тие почнаа да ја емитуваат истата програма постојано“ Ердоган Боз , од Асоцијација на Черкезите во Анкара, изјави заSETimes.
Черкескиот јазик е одобрен како изборен предмет во државните училишта во Турција, но во училиштата мора да има најмалку 10 заинтересирани ученици за да се започне таков курс.
„Нашиот јазик, како важен елемент на нашата култура, бара статус на зачувување“, рече Боз. „Сé додека луѓето не можат да зборуваат на својот мајчин јазик во училиштата, нашиот јазик ќе биде загрозен. Со секој загубен збор на черкески јазик, ние губиме значителен дел од културното наследство.
Во Турција, само 30.000 луѓе го зборуваат черкескиот како свој мајчин јазик, додека пак само 300.000 го знаат јазикот, рече Боз.
Черкезите во Турција ги задржуваат своите родени презимиња со цел да не ги загубат своите контакти со луѓето од черкеско потекло кои живеат во странство.
„Во селата и помалите градови на Турција заедницата беше многу поблиска Но, откако мнозинство од заедницата емигрираше во големите градови, тие почнаа да се асимилираат во поширокото општество, губејќи го нивното потекло за многу краток временски период“, рече Боз.
текстот е преземен од Southeast European Times
Tweet |