Петар Печков
Објавено: понеделник, 28 јануари 2019
Шакалот во последните две-три години е намножен, па наместо да биде чистач и одржувач на природната рамнотежа, станува опасност за ловиштата. За ова предупредуваат од ловечко друштво ,,Руен,, од Велес. Со постојниот закон е заштитен и за негово незаконско ловење е предвидена казна од 3.000 евра.
Шакалот во зголемен број се појави во 2012-та, а последниве две–три години толку многу се намножи што претставува се’ поголема опасност за поситниот дивеч и птиците во ловиштата, како и за поситната стока во селата - предупредуваат од ЛД Руен.
Тие информираат дека во велешко најмногу поплаки поради шакалите имаат од жителите од населбата Отовица кое е во непосредна близина на велешкото езеро „Младост“, како и по долниот тек на реките Бабуна и Тополка и околу езерото Лисиче. „Руен“ тоа го констатирал со увидот на терен, но смета дека шакалите ги има и пошироко во земјава.
За се’ поголема опасност од шакалите виновни се и луѓето кои создаваат диви депонии на кои исфрлаат остатоци од органско ѓубре, умрени животни и отпадоци од заклани животни. Тоа ги привлекува овие животни, кои се пред се’ лешинари, а лесно може да бидат и е преносители на паразити и заразни болести.
Како во соседните земји, во новиот закон за ловство треба шакалот да се прогласи за штетно животно. Со тоа ќе се дозволи негов отстрел. Тоа го бараат ловците, но и граѓаните кои секојдневно трпат штети -додаваат од ЛД ,,Руен,,.
Со постојниот Закон за ловство, трајно се заштитени мечката, рисот, дивата мачка, јазовецот, видрата, верверицата и други ретки животни и птици кои живеат во Македонија, меѓу кои и шакалот.
Tweet |