Петар Печков
Објавено: петок, 15 октомври 2010
Сеад Јајов (25 год) од селото Горно Јаболчиште, велешко е осуден на шест години затвор за кривичните дела тешки дела против општата сигурност. Тој на 2-ри август минатата година, околу 9,30 часот пукал кон соселанецот Рамадан Зекиров (32 год) при што тешко го повредил а од истрелот настрадале и четири деца од селото, кои во тие моменти си играле на улица.
Оштетениот се здобил со прострелни рани во левата хемисфера од мозокот а зрната сачма покосиле уште четири деца, две машки и две женски, кои случајно се нашле во близина на пукотницата. Рамадан бил примен во велешката болница во тешка здравствена состојба и во животна опасност. Од зрната кои завршиле во главата, левата рака и нога му се недвижни, не може да говори, со левото око не гледа.
Вештачењето покажало дека Јајов не пукал директно во Зекиров и тој бил погоден со периферните зрна од снопот сачми, поради што со бројни повреди се здобиле децата кои биле на 15-тина метри растојание од истрелот, па кривичното дело од убиство во обид судскиот совет го преквалификуван во тешки дела против општата сигурност. Обвинетиот изрази жалење за стореното дело, кое не го сторил со умисла.
Рамадан дојде во нашиот семеен двор, го бараше татко ми а од појасот му се гледаше рачката од пиштолот. Тој и се закануваше на мајка ми по што ја земав ловечката пушка и во неа ставив патрон кој служи за отстрел на еребици и зајаци. Иако имав и за тежок дивеч, јас пукав со најслабиот, за да го заплашам Зекиров и го истерам од дворот. Немав намера да го погодам бидејќи пукав во земја. Многу ми е жал и се каам за стореното дело – изјави Сеад Јајов во завршниот збор.
Бранителите на Јајов побараа како олеснителна околност во пресудата да се земе во предвид, тоа што тој сам се пријавил и предал на полицијата по пукањето. Според соседите на инцидентот претходела нетрпеливост помеѓу семејствата Јајови и Зекирови, проследена со чести и жестоки расправии и тепачки. До правосилноста на пресудата Јајов останува во притвор.
Tweet |