Петар Печков
Објавено: среда, 02 март 2011
Јајов доби пет години затвор за обид за убиство и две години затвор за тешки дела против сигурноста, по што му беше изречена единствена казна затвор од шест години. И при првата пресуда Јајов доби иста казна, но таа беше вратена од Апелација со барање пушкар а не вешто лице да каже во кој правец пукал обвинетиот кога ги застрелал лицата.
Тој на 2-ри август 2009-тата година, околу 9,30 часот пукал кон соселанецот Рамадан Зекиров (32 год) при што тешко го повредил а од истрелот настрадале и четири деца од селото, кои во тие моменти си играле на улица. Оштетениот се здобил со прострелни рани во главата а зрната сачма покосиле уште четири деца, кои случајно се нашле во близина на пукотницата. Рамадан бил примен во велешката болница во тешка здравствена состојба и во животна опасност. Од зрната кои завршиле во главата, левата рака и нога му се недвижни, не може да говори, со левото око не гледа.
Рамадан дојде во нашиот семеен двор, го бараше татко ми а од појасот му се гледаше рачката од пиштолот. Тој и се закануваше на мајка ми по што ја земав ловечката пушка и во неа ставив патрон кој служи за отстрел на еребици и зајаци. Иако имав и за тежок дивеч, јас пукав со најслабиот, за да го заплашам Зекиров и го истерам од дворот. Немав намера да го погодам бидејќи пукав во земја. Многу ми е жал и се каам за стореното дело. Јас самиот повикав полиција – изјави Јајов во завршниот збор.
Вечерта пред пукањето, внукот на обвинетиот бил натепан од Зекиров, кој му скршил заби без повод. Според соседите, на инцидентот претходела нетрпеливост помеѓу семејствата Јајови и Зекирови, проследена со чести и жестоки расправии и тепачки. До правосилноста на пресудата Јајов останува во притвор.
Tweet |