речник контакт

Шест децении ракомет во Велес

Шесте децении на ракометот од Велес беше повод заедно да се соберат сите ракометари кои значат нешто во историјата на овој најпопуларен спорт во градот.

Петар Печков

 Велешани се горди што овој клуб денес е најстариот во Македонија, пред него бил формиран скопски Работнички, но бидејќи тој веќе не постои, Борец сега може да се пофали како клуб со најдолга традиција во земајва. Многу познати имиња кои дале свој придонес во македонскиот спорт присуствуваа на   ревијалниот натпревар Борец – Металург, ветерани а потоа  и првите екипи, но секако најмногу внимание  и почести за златната генерација која жареше и палеше при крајот на 60-тите години на минатиот век.

На едно место се најдоа Ангел Кирков,  Љупчо Гигов, Тодор Мијаков и Славе Атанасовски- Чаве, кои се потсетија на времето кога Борец беше четврти во тогашната лига  во1968-та лига  а истата година играл и во финалето на купот со Партизан од Бјеловар. Тодор Мијаков започнал со ракомет во 1956-та година во тогашен Работнички кои подоцна се преименувал во Борец. Тој бил капитен на ,,златната генерација,,  ракометари на Борец.

Успесите на ракометот во Велес започнаа во 1963-та кога три години по ред бевме шампиони на Македонија и толку пати учествувавме во квалификации за Прва Југословенска лига. Останува нашиот ракометен  рекорд кој тешко дека во Македонија некој ќе го собори, на еден  натпревар да има 12 илјади гледачи. Тогаш игравме на Градски стадион против Партизан Бјеловар, на црвеница, на земја, дури се изградија монтажни трибини – вели Мијаков кој играл на позицијата централен бек, понекогаш поради корпулентноста и пикер.

Останува запишано дека заедно со Васков биле првите кој го применувале ,,цепелнинот,, во ракометната игра кај нас. Голманот Гигов  ја помни атмосферата во екипата, која ја красело другарство. Тоа се приметуваше и денес, по срдечноста со која четворицата ветерани, застанаа заедно да се фотографираат за спомен и  се потсетија на нивните заеднички минати мигови.

Најдобар показател за квалитетот на ракометот е посетеноста на публиката. Тогаш игравме пред 4-5 илјади гледачи, денес и без пари е влезот па нема кој да ги гледа, зборувам во однос на ракометот во Македонија, не само за Велес – вели Гигов која може да се пофали дека неговиот татко, братот и синот Виктор, внуците, ја продолжуваат семејната традиција, сите се голмани. 

Ангел Кирков кој настапувал за Борец во периодот 59-74-та  и на спортски Велес му ја донесе како тренер првата титула во самостојна Македонија, го освои купот со ракометарите на Борец 1994-тата година, иако за себе смета дека бил подобар како ракометар отколку на клупата како тренер.

Имав добри околности тогаш кога го освоивме Купот. Имавме добра управа, добри ракометари, финансиски бевме одлично стоеше клубот. Најмногу ме радува што овој успех  го направивме со малку странци, повеќето ракометари беа домашни велешани – објаснува Кирков кој  го бранел голот во најуспешните години на ракометот во градот.

Ветераните не заборавија да ги споменат и членовите на најдобрата седморка која наместо на паркет тогаш  играла на земја Гајдов,Васков, Клинчаров и Атанасовски, кои за жал повеќе се живи. Велешани посебно се горди на најдобриот ракометар на Македонија, Пепи Манасков. Тој како роден велешанец, повторно на кратко го облече дресот на матичниот клуб Борец и со шест гола од 18, постигнати, даде придонес во победата од 18 : 17 на ветераните на Борец над колегите од Металург.

Ракометот е традиција, која со генерации се пренесува во овој град. Тука ракометот има длабоки корени и драго ми е што се собравме за овој јубилеј да се дружиме. 60 години не е мала бројка и ова е потсетување дека Борец заслужува поголем третман отколку што сега клубот има. Убаво е што на овој јубилеј се поклопи со враќањето на Борец во супер лигата и им посакувам да обезбедат опстанок догодина – изјави Пепи Манасков. Вели дека е задоволен од тоа што посигнал во кариерата, можел и повеќе а сега  очекува синовите да го надминат татко си.

Во ревијалниот дел се сретнаа првакот на Македонија  Металург и првакот на првата лига Борец во која победија скопјани со 37:28. Во  клупската историја останува запишано дека Борец е првак на Македонија во 1995-та година а година дена претходно и освојувач на купот.

АНКЕТА »

Како ви се допаѓа сообраќајното решение за улицата 8 септември од Сармаале до Коњаникот

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »