речник контакт

Што телевизиите нудат за пречекот на Новата

За тие кои решија да останат дома еве што може да видат на малите екрани за новогодишната ноќ. Кој ќе пее, кој филмови...

Петар Печков

МТВ: Честитка со „Танц со ѕвездите 2“

Македонската телевизија ударниот термин во новогодишната ноќ му го отстапи на шоуто „Танц со ѕвездите“. Вечерта на 31 декември, со почеток во 21,30 часот ќе почне втората сезона на популарното шоу во кое покрај танцовите двојки, ќе продефилираат и повеќе гости, пејачи, стенд ап комичари... Натпреварувачите во „Танц со ѕвездите 2“ ќе го имаат својот премиерен настап на дрвениот под за танцување во Студио 1 на МТВ, а водител на новогодишната програма ќе биде Тони Михајловски, додека водителката се чува како изненадување до самиот почеток. Гледачите ќе имаат можност премиерно да ги проследат настапите на радио и ТВ-водителот Димитар Атанасовски, каратистката Наташа Илиевска, пејачката Сара Мејс, ватерполистот и фотомодел Стефан Лошковски, пливачката Наташа Мешковска, новинарката и ТВ- презентер Маријана Димовска, музичарот Владимир Франц, фотомоделот Александра Накова, актерите Мартин Јовановски и Влатко Илиевски и нивните професионални денс-партнери. Според најавите, во новогодишното шоу како гостин најверојатно ќе настапи и актерот Васил Зафирчев, кој поради повреда мораше да се откаже од учеството во првата сезона. МТВ најавува филмски маратон во чии рамки ќе се емитуваат: „Казино Ројал“, „300“, „Бришач“, „Божикни чевли“, македонскиот „Трето полувреме“, „Очи широко затворени“, „Адвокатот на ѓаволот“... Гледачите традиционално на 1 јануари ќе се расонуваат со звуците на Штраус и Виенскиот концерт.

СИТЕЛ: Новогодишно издание на „Се' или нешто“

ТВ Сител ќе го емитува специјалното новогодишно издание на популарниот квиз со Лила Стојанова, „Се' или нешто“, по него следува централниот Дневник во кој ќе се направи рекапитулација на годината што изминува, а потоа гледачите ги очекува богата музичка програма со настап на домашни естрадни ѕвезди и многу хумор. „Сител“ не ги заборава ниту најмалите за кои подготвува „Дизни“ изненадувања, а за повозрасните - богата филмска понуда со „За 60 секунди“, „Клик“, „Пладне во Шангај“, „Инспектор Гаџет“, „Легендата за Зоро“...

КАНАЛ 5: Во Нова година со Харис Џиновиќ

Празничната програма на Канал 5 е насловена „Сите на нога“, а во неа ќе продефилираат Благица Павловска, Елена Велевска, Есма Реџепова, Блага Петреска, Анета Наковска, Ферус Мустафов, Војо Стојановски, Тања и Новица, Ламбе Алабаковски... Веднаш по полноќ, прославата на Нова година ќе продолжи со Харис Џиновиќ, Северина и атрактивни филмски наслови.

ТЕЛМА: Со убава музика без кафеански чочеци

Телевизија Телма останува препознатлива на својот досегашен стил - и овој пат на нејзината фреквенција со сигурност нема да видиме дочек со кафеанска атмосфера, туку класична музика, балет, изведба на познати композиции во живо... Телма најавува три и полчасовна новогодишна програма со популарна класика во изведба на триото „Виварте“ и квартетот „Анимус“, Жаклина Стевковска ќе пее македонски евергрини, додека Лидија Кочовска, Марија Димитријевиќ и Џон Илија Апелгрин ќе бидат задолжени за изведба на странски антологиски хитови, а ќе танцуваат двојки од студиото „Бранимир и Бранкица“. Убавата атмосфера ќе продолжи со македонски традиционални песни во интерпретација на Сузана Спасовска, Милица Кузмановска и Миле Кузмановски, во придружба на групата „Арија“. Покрај музичкиот дел телевизијата најавува и голем избор на филмски остварувања и серии: „Утрински сјај“, „Фати ме ако можеш 2“, „Кабум“, „Малите Фокерови“, „Неподносливата леснотија на постоењето“, „Невозможна мисија 3“...

АЛФА ТВ

Музика, забава, филмови... Тоа е формулата на „волшебната тројка“ за успешна нобогодишна програма што ја подготвија од АЛФА ТВ за гледачите.


За тоа ќе се погрижат новите, новогодишни изданија на емисиите „Вкусот на традицијата“, „Шоу на сите времиња“ и „Зајди, зајди“.

Низ програмата се проткаени концертите на Наум Петрески, на Каролина Гочева, на Љубојна, на Танец...

И многу филмови во новогодишното Алфа кино.  Одмаздата на мртовецот,Бунраку,Астерикс и Обеликс - Во служба на Нејзиното Величество,Леден потрес,Пензионирани, екстремно опасни ...

АНКЕТА »

Како ви се допаѓа сообраќајното решение за улицата 8 септември од Сармаале до Коњаникот

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »