речник контакт

Шугата во велешка касарна се појави поради лошите услови за работа и живот, реагира Независниот синдикат на професионалните војници

Со зголемениот буџет согласно барањата на НАТО, се реновираат само просториите на офицерите, а не и објектите каде што живеат и престојуваат 24/7 професионалните војници

Петар Печков

По појавата на заразната болест шуга во велешката касарна „Алексо Демниевски Бауман“ реагираше Независниот синдикат на професионални војници (НСПВП). Според нив причината што таа се појавила биле лошите услови за живот и работа, не само во велешката туку низ сите касарни во државата.  Болеста  е регистрирана кај двајца од 296-те ново примени професионални војници.  

„Професионалните војници имаат најлоши услови за работа, од нечиста постелнина, не испрана со години, од перници стари по 15-20 години, исто така и за ќебињата и чаршавите со години стари и не обновени. Просториите каде што спијат војниците се најчесто со влага , со многу инсекти по просториите, храната се дава во нехигиенски услови со прибори стари над 20 години и нејзиниот квалитет е на најслабо ниво, храната е еднолична и недоволна, санитарните јазли се не реновирани и руинирани повеќе од 15-20 години. Професионалните војници многу често работат во услови кога немаат струја во објектите за да се загреат и техничка вода за да се одржува личната хигиената и хигиената на објектите, ваквите состојби траат со години“ – пишува во писмената реакција на  НСПВ. 

Тие потенцираат дека случајот во Велес е само еден од ретките кои добиле медиумска покриеност, иако слични инциденти се случувале и порано, но останувале затскриени од јавноста. 

„Со зголемениот буџет согласно барањата на НАТО, приоритет треба да бидат условите за работа и човечкиот фактор, а не само набавки на оружје. Залудно е да се инвестира во опрема ако нема кој да ја користи. Се реновираат само просториите на офицерите, а не и објектите каде што живеат и престојуваат 24/7 професионалните војници“  реагира Независниот синдикат на професионалните војници.  

Вчера АРМ и Министерството за одбрана во заедничко соопштенија  информираа дека во велешка касарна има регистрирано два случаи на шуга кај новопримените професионални војници. Дел од нив биле преместени во касарната во Штип и сите 298 се овој викен дома со обврска да се вратат ноќеска, освен двете заразени лица кој одреден период ќе престојуваат дома.  Биле преземени мерки согласно здравствените протоколи за спречување на евентуално ширењето на заболувањето.

Во касарната бил направен епидемиолошки надзор од страна Воено медицинскиот центар, се бара потеклото на заразата, , по што ќе биде познато од каде потекнува шугата. Таа се појави и во ноември 2019-та година во велешка касарна. Се пренесува со долготраен телесен допир, преку постелнина, облека или душеци но опстојува на температура од 37 степени колку што е телесната.

АНКЕТА »

Дали на Велес му се потребни камерите за „безбеден град“?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »