речник контакт

„Маркарт“ како успешен пример за работа по високи стандарди со можност да се гради кариера и напредува, стаса до 840 вработени

Неделно во фабриката на „Маркарт“ во Велес се произведуваат по 5.000 менувачи со Сваровски кристали за луксузната гама автомобили на БМВ

Петар Печков

За девет години работење, германски „Маркарт“ кој има фабрика  близу Велес стигна до 840 вработени и за овој период инвестирал во компанијата 76,5 милиони евра. Во фабриката  која започна со работа во 2015 година, се произведуваат автомобилски делови за „Aуди“, „Meрцедес“, „БМВ“, „Oпел“, „Шкода“, „Порше“, „ЛЏ“. Производниот процес е целосно автоматизиран и роботизиран.

„Компанијата произведува ултрамодерни компоненти за врвни брендови на автомобили, производството е на највисоко технолошко ниво и во голема мера роботизирано. Целата фабрика и административна зграда се направени по сите највисоки стандарди, оваа германска инвестиција е одличен пример дека и во Северна Македонија може да се работи на атрактивни работни позиции“ – кажа  Антје Ванделт, директор на АХК Северна Македонија, Албанија и Косово.

За Германската стопанска комора АХК  која ја организираше посетата, најголем предизвик е задржувањето на младите кадри и нивната мотивација да стапат на пазарот на трудот во Македонија.

Тие испратија порака дека и дома може да се работи по германски стандарди, условите за работа се како во компаниите во Германија, каде што има грижа за вработените, и притоа тие имаат можност да градат кариера и да напредуваат.

„Знам дека многу млади луѓе во Северна Македонија сонуваат да одат во Германија , без да имаат реална слика за тоа што ги очекува таму и без воопшто да му дадат шанса на македонскиот пазар на труд или воопшто да истражат какви атрактивни можности за професионален развој можат да најдат во својата земја. Одличен пример за добри работодавачи се германските инвеститори, еден од нив е и компанијата „Маркарт Македонија“ – порача Ванделт.

При посетата беше објавена и информацијата дека неделно во фабриката на „Маркарт“ во Велес се произведуваат по 5.000 менувачи со Сваровски кристали за луксузната гама автомобили на БМВ. Од раководството открија и дека од Македонија имаат нарачки за вакви менувачи.

„Маркарт“ е семејна компанија која е формирана како старт-ап од бизнисменот Јоханес Маркарт во 1925 година, а денес вработува 10.200 лица на 22 локации во светот. Една од нив е во Велес.

АНКЕТА »

Како ви се допаѓа сообраќајното решение за улицата 8 септември од Сармаале до Коњаникот

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »