Петар Печков
Објавено: вторник, 09 септември 2014
За само неколку пазари цените на доматите, пиперките скокнаа. Ако до пред десетина дена, на крајот од август можеа да се купат за 30 денари кг –доматите сега се 50, пиперот со слична цена. Велешките градинари објаснуваат дека причината за ова се неповолните временски услови.
Како да влезам да берам, кога три дена врне, се е кал. Родот што го имаме се расипа, ќе скапе по градините. Згора на тоа имавме многу променливо лето, што влијаеше да се развијат одредени болести – вели земјоделец од селото Сујаклари.
Тој на овој пазар не донел ништо од доматите и пиперките. Само бостан, дињи и лубеници. Друг пак објаснува дека се купува целосно родот, оти имал добар откуп
Дојдоа од градина, се ми купија топтан. Од Струмичко беа луѓето, наводно имало откуп за Русија, се бараат домати и пиперки. И за мене помалку главоболка, каде и како да продадам – вели бавчованџија од Велес.
Повисоки цени имаат и тиквињата, црниот патлиџан. Тоа пак предизвикува реакции кај купувачите.
Сега е време на зимници, најверојатно затоа произведувачите ги качуваат цените. Како и да е, за само неколку пазари, цените скокна за половина. Нешто ќе се купи, ама помалку – додава пазарџија кој покажа на торбите, кои се помалку полни од вообичаено.
Прогнозата вели дека следните денови ќе имаме сончево време, што ќе рече одгледувачите ќе можат да влезат во бавчите и да наберат од родот. А цените ќе се проверат веќе в петок, дали и колку се промениле.
Tweet |