речник контакт

,,Волшебниот од ОЗ,, премиерно во велешки театар

Претставата за деца во режија на Александар Ивановски. Тоа е претстава за универзалните човечки особини

Петар Печков

Среда напладне, во велешкиот театар ,,Јордан Хаџи Константинов Џинот,, премиерно ќе биде прикажана претставата за деца  „Волшебникот од Оз“ од  Френк Баум, драматизација на  Катерина Момева а во режија на Александар Ивановски.  „Волшебникот од Оз“ е  претстава за деца базирана врз ликовите од детската книга „Прекрасниот волшебник од Оз" на  Френк Баум, според која е направен и светски познатиот филмски мјузикл од 1939 година.

Претставата ја раскажува авантурата на девојчето Дороти кое од својот роден Канзас залутува во волшебната земја од приказните наречена Оз. Сакајќи да се врати дома, по патот што води до големиот волшебник, Дороти ги запознава своите идни пријатели страшилото, лимениот дрвосечач и лавот. Заедно со нив успева да ги совлада сите пречки поставени од лошата вештерка од Запад.

„Волшебникот од Оз“ е претстава за универзалните човечки особини, како што се мудроста, способноста да се сака и храброста. Тоа е топла детска приказна, која учи, воспитува за многу доблесни работи кои се потребни за воспитувањето на децата. Зборува за  пријателството, за  љубовта, храброста, истрајноста, фантазијата, како се создаваат светови  и како  во нив се живее и како е излегува од нив кога ќе се порасне. Ваква комплексна приказна, интересна спојка на карактери, ликови на фантастични светови донесовме на сцената на велешки театар – рече режисерот Ивановски, кому ова му е прв постановка на детска претстава.   

Овој проект е финансиран со сопствени средства на велешки театар  и е надвор од програмата на Министерството за култура.  Сценографија е на  Филип Коруновски а костимографијата на  Катерина Чукниева.  Во претставата настапуваат: Талија Настова, Фаик Мефаилоски, Васил Зафирчев, Марија Стефановска, Александар Велјановски, Маја Љутков , Кети Борисовска и Драгана Босниќ.

На претставата  ќе присуствуваат деца од велешките основни училишта а ќе биде и на тековниот репертоар, за да ја погледаат и деца кои не посетуваат школо.  

Уметничкиот директор на театарот Васил Зафирчев најави дека до крајот на месецот премиерно ќе ја прикажат претставата ,, Вдовицата се мажи,, работена  според текст на Чехов.   Таа е исто така со сопствени средства  а деновиве започнале со подготовки на нова претстава ,,Тоалет за дами,, која ќе се прикаже кон крајот на годинава или почетокот на следната.

АНКЕТА »

На што се греете зимава?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »