Петар Печков
Објавено: среда, 18 март 2015
Во првата половина на годинава автопатот Велес - Скопје треба да биде поврзан со езерото Младост. Од Јавното претпријатие за патишта најавуваат дека се започнати активностиве за решавање на проблемот, за кој со години имаше реакции и од туристите, од стопанствениците но и од туристичките работници.
Во тек е изработка на техничко решение за трајна измена на режим на сообраќај за приклучок од автопатот Велес - Скопје со локалниот пат до езерото Младост. Во завршна фаза е изработката на проектната документација и подготовката за отпочнување на градежните работи. Очекуваме градежните активности да завршат во првата половина на оваа година - изјавија од ЈП за државни патишта.
Така ќе биде премостен недостатокот на врска од автопатот кон езерото, кое беше на дофат на илјадниците туристи, но не беше достапно. Тие не можеа да го посетат, оти немаше приклучок, можеа само да го видат и да продолжат кон граница. Така само ќе минеа покрај него а со тоа и можноста за дополнителен економски ќар и за хотелиерите покрај езерото, но и за државата.
Што се однесува на проблемот со асфалтирањето на приклучокот ода автопатот на релација Скопје - Велес, кај наплатната рамка Сопот, од ЈП велат дека тоа ќе траба да го изврши локалната самоуправа Велес. Решавањето на проблемот доаѓа откако со години имаше реакции од различни страни, дека е потребно да се изгради приклучок. Тој беше потребен и за околните неколку села, за да можат побргу и полесно жителите да стигнат до дома.
Последната реакција беше при крајот на минатата година, кога жителите од Месните заедници Сујаклари, Мамутчево,Новачани, Отовица, како и од Регионалната Про Кредит Академија, Хотелот Романтик, мотелот На Велешко, Бродот Панини, сопствениците на насадите со лозја М-шест и Шапо сопот, писмено се обратија до Министерството за транспорт и до ЈП за државни патишта. Неколку месеци подоцна, стигна и позитивната реакција.
Добро е што конечно ќе биде решено ова прашање. Се надевам дека ќе се заврши во најавениот рок, за да можат бројните туристи од Средна Европа, Чешка, Полска, Словачка, Унгарија но и Србија да имаат можност да се одмараат попатно кон дома - вели велешки стопанственик.
Минатиот месец на електронска аукција од шест беа продадени четири парцели, наменети за изградба на мотели. Локалната власт мината година го изгради водоводниот систем, со кој конечно се решава прашањето со вода за пиење на околината на езерото Младост. Во тек е изградбата на канализационата мрежа.
Иако тоа е вештачка акумулација, има голема посетеност во летните месеци, не само од велешани туку и од жителите на Скопје и блиските гардови од источна Македонија и езерото е голем туристички потенцијал за Велес. Таму е и сателитска населба, со 30-тина плацови, каде веќе се завршени неколку домови, за велешани кои избегаа од градската врева.
Tweet |