Петар Печков
Објавено: недела, 17 март 2013
Oткако во два мандати од 2000-та до 2009-та беше градоначалник на Велес, Аце Коцевски ја бара поддршката на гласачите да го добие го третиот. Тој е градежен инженер сопственик на градежната фирма ,,Афион,, Сопругата Билјана е доктор, има сопствена здравствена ординација, ќерка Наталија годинава е матурантка и син Димитар втора година и двајцата одлични ученици во гимназијата Кочо Рацин, со кои тој се гордее. За него семејството секогаш било светост.
Вели дека како јавна личност внимава да не го извалка својот но и образот на неговите деца. ,,Нема ништо поважно од тоа да имате чист образ и мирен и спокоен сон,,. Во заедница со нив живее и неговата мајка. На родителски средби оди многу ретко, само тогаш кога сопругата е зафатена. На пазар оди скоро во секој пазарен ден. Често, скоро секојдневно, пазарува во продавниците. Никој во семејството не пуши живее спортски, не е љубител на алкохолот . Не е ниту голем љубител на големи, скапи и брзи автомобили, има Поло 1,2. Неговата градежна фирма има неколку превозни средства и друга механизација за градежништво. Живее во куќа со околу 80 м2, во близина на игралиштето во населба Тунел. Има и викенд куќичка во родно место Мартолци со околу 40 м2.
Зошто се решивте да се кандидирате за градоначалник на Велес? Кои се капиталните проекти за Велес кој ги планирате?
Да се биде градоначалник на општина Велес е голема чест, но и уште поголема одговорност. За жал Велес денес поминува низ една многу тежок период од неговиот развој. Состојбите не се добри ниту во Велес, ниту пак во Македонија. Со седење дома со скрстени раце и гледање сеир ништо не може да се смени. Затоа се одлучив да ја прифатам понудата пак да бидам градоначалник на Велес. За да го ставам на располагање моето знаење и искуство, за да ги смениме работите на добро. За Велес пак да биде убаво и посакувано место за живеење, просперитетна општина, општина на задоволни и среќни граѓани. Пресудни беа анкетите на јавното мислење во кои моите сограѓани ми даваа огромна поддршка за повторно да се кандидирам.
Во мојата, нашата, изборна програма, што е резултат на неколку месечна напорна работа со проектот Отвори врата за иднината и бројни средби со различни целни групи на граѓани се предвидени деведесеттана проекти, со многу подпроекти, со кои ќе ја бараме довербата на граѓаните и со кои сакаме да го подобриме квалитетот на живеење.
Каква му е визијата за градот, каде ќе вложува најмногу, левата или десната страна на градот, нискиот дел центарот или високите делови?
Нема да правам никаква разлика помеѓу левата и десната страна, ниту по било кој друг основ. Ќе се раководам единствено според барањата, проблемите и потребите на граѓаните. Од теренските посети се уверив дека комуналната инфраструктура во повисоките зони во градот е доста запуштена. Затоа планирам во следниот мандат приоритет да дадам токму во тие делови од градот, како и во населените места, без да ги запоставувам и другите делови. Ќе изградиме препумпни станици за вода за повисоките зони, ќе реконструираме многу улици, водоводни и канализациони мрежи, ќе изградиме повеќе потпорни ѕидови, тротоари, ракофати, ќе го прошириме уличното осветлување.
Која е листата на приоритети за време на првата година што ќе ги работи ако стане градоначалник?
Веднаш по изборите ќе ја искористиме градежната сезона за реконструкција на постојната и за изградба на нова комунална инфраструктура како во градот, така и во населените места. Конечно ќе го решиме големиот проблем што го создаваат атмосферските води по обилните дождови со изградба на канали за нивно прифаќање на неколку улици. По пат на јавно приватно партнерство ќе овозможиме современо собирање, селектирање и преработка на цврстиот комунален отпад во нова фабрика. Исто така со јавно приватно партнерство ќе почнеме со изградба на нов затворен градски пазар, со паркинг и трговски центар. Ќе ги отстраниме сите азбест цементни цевки од градската водоводна мрежа и азбест цементните кровови на училиштата. Ќе ги реконструираме училиштата и градинките и спортската сала. Градскиот фудбалски стадион ќе добие нов лик. Ќе ги прошириме постојните индустриски зони и ќе отвориме нова. Ќе изградиме пешачки надвозник од Младински парк до спортската сала . Ќе реализираме и многу, многу други проекти.
Што планира со просторот со кој локалната самоуправа го поседува добиен по судски пат?
Јас ќе стопанисувам со имотот на општината како добар домаќин. Мило ми е што покренав повеќе судски и други постапки со кои општината стана сопственик на спортската сала, салата за гимнастички спортови, хотелот во Горно Врановци, хотелот Вила Зора, киното и други. Верувам дека општината наскоро ќе стане сопственик и на градскиот фудбалски стадион. Просторот ќе го искористиме што е можно најдобро, по претходни анализи и консултации со сите заинтересирани страни. Едно знам, дека имот нема да подаруваме никому, како што тоа го направија во овој состав на мнозинство на советот на општина Велес. Убаво би било Велес пак да има современо кино и да им помогне со простор на стопанствениците и здруженијата на граѓани за да ги спроведуваат нивните мисии.
Колку е задоволен од работата на службите во локалната самоуправа, дали тие се во функција на граѓаните?
Моја девиза е и ќе биде ,,Задоволни граѓани – наша цел”. Администрацијата мора да обезбедува брзи, квалитетни и евтини услуги за граѓаните. Граѓаните мора да бидат во центарот на вниманието. Во мое време, до 2009-та година, Велес беше убедливо најдобра општина во Македонија, со најдобро изградени капацитети, модел на македонска општина , лидер во децентрализацијата со повеќе освоени награди и признанија. За жал, денес Велес е сведена на сосем просечна општина. Таа состојба брзо ќе ја смениме. Планирам да составам тим од млади луѓе кои знаат по неколку светски јазици, кои ги познаваат институциите на ЕУ, за да подготвуваат добри проекти со кои ќе повлечеме многу пари од предпристапните фондови и фондовите за прекугранична соработка на ЕУ. За разлика од другите делови, особено финансискиот оддел, тесно грло е одделението за урбанизам и затоа тука ќе направам сериозно засилување.
Ќе има ли примен ден за граѓаните?
Секојдневно ќе се сретнувам со граѓаните. Дали во канцеларија или на терен сеедно е. Доколку има интерес од страна на граѓаните ќе воведеме приемни денови. Најважно од се е дека ќе бидеме слуги на граѓаните и дека секојдневно ќе ги ешаваме нивните барања и проблеми.
За крај од овој портрет на кандидатот за градоначалник Аце Коцевски, тој на гласачите им порача:
Локалните избори се многу важни, затоа што граѓаните на нив ќе одлучат кому да ја доверат довербата, за во нивно име да ја води општината во наредниот период. Користам прилика да ги поканам моите сограѓани масовно да излезат на изборите, да гласаат со чиста совест и здрав разум и да ја дадат довербата на тој кандидат за кој сметаат дека најдобро ќе ја водата општината. При изборот на градоначалник пред се е важна личноста на кандидатот, а потоа партиската припадност. Јас верувам дека моите драги сограѓани ќе одолеат на силните притисоци, закани и уцени и на изборната корупција и дека ќе гласаат за себе и за своите семејства, за својот Велес и дека ќе го поддржат кандидатот што сметаат дека најмногу ја заслужува нивната доверба. Доколку тоа бидам јас, ќе им бидам бескрајно благодарен и ќе им возвратам со многу чесна и одговорна работа, со голема љубов и посветеност за создавање на услови за подобар живот. За Велес пак да биде убава и посакувана општина, економски силна, уредена и чиста, со добри услуги, квалитетно образование и грижа за децата, за сиромашните и за возрасните, општина на задоволни и среќни граѓани, општина по мерка на своите граѓани со која сите ние ќе се гордееме.
платен политички простор
Tweet |