Петар Печков
Објавено: среда, 14 јануари 2015
Велес од дамна бил град на занаетите и занаетчиите. Традицијата на нивното собирање не е прекината ниту по еден век на другарување и забава. Некои занаети одумирале, други се раѓале а занаетчиите од градот се дружеле. Така е и секоја Василица, кога се собираат занаетчиите кои работат со железо.
Така беше и годинава. Прво околу 120 мајстори беа во манастирот Св. Димитрија а потоа во ресторанот Глориус. Иако до вчера во Болница, не ја пропушти можноста на средбата да дојде најстариот велешки занаетчија, металец Илија Мајсторов, кај велешани познат како Иле Мајсторчето. Иако со 91 година, уште виток, подвижен, со чиста мисла, се присетува на неговата работа и ваквите средби.
Нема нешто што не сум фатил во животот да сработам. И електрика и механика, се сум работел. Споменот е голем, можноста да се видам со постари мајстори, ама нив малку ги има. Ме радува што гледам толку млад свет., ме изненадија, ме воодушеви. Тоа е голем прогрес. Од занает може убаво да се живее, само човек да има мерак. Тоа е главно, се друго се учи - вели чичко Иле.
Тој беше пушкар, поправаше машини за пишување, шиење, електро уреди. Иако е во 10-тата деценија од животот, знае да ги поправи апаратите на неговите блиски, пријателите. Тие ем ќе дојдат на гости, тој ќе го сработи тоа и ќе си поправат муабет. Се надева дека неговито внук со исто име Иле, ќе ја продолжи неговата работа.
На манифестацијата има и доста млади мајстори, што ветува дека занаетот, прилагоден на новото време има иднина. Годинава манифестацијата имаше два кума Иле Чингаров лимар и Атанас Пеев кој поседува работилница за поправка на мотори. И двајцата се млади, но на младите светот останува.
Одиме секоја Василица, на Манастир, таму се крева лепче, попот го пее. Палиме свеќа за здравје, за бериќет. Така било о дамнина и ние ја продолжуваме традицијата. Откако ќе завршиме таму доаѓаме овде во ресторанот, на дружење. Денес не работиме. Има доволно денови во годината за работа - вели кумот Чингаров. Неговиот колега, кои минатата година доброволно се јавиле за кумство, објаснува дека од оваа работа може да се живее, да се гледа фамилија.
Има доста млади во овој занает. Се обидуваме да ја продолжиме традицијата. Се живее од оваа работа. Кој сака да работи, има. Ништо не е лесно во животот - вели Пеев. Според некое правило од старо време, ова е празник пред се на ковачите, ова бил нивен ден. Сега се собираат занаетчии автолимари, автомеханичари, електричари, уште некој ковач или некој што работи со железо.
Tweet |