речник контакт

Велешанецот Ташковски единствениот македонски автор за мозаик од дрво

Преку ситни парчиња од дрво, тој ја оживува и зачувува старата македонска, посебно велешка архитектура

Петар Печков

 Познато е дека уметниците создаваат мозаик од камен а велешанецот Ташко  Ташковски изработува мозаици од дрво и тоа ореово. Оваа негова уметност го прави единствен во Македонија и на Балканот. Пет години ја работи оваа уникатна уметничка работа, која е мошне ретка и во Европски рамки. Преку ситни парчиња од дрво, тој ја оживува и зачувува старата македонска, посебно велешка архитектура.

Со ова моја работа започнав во 2007-та година. Прво ми беше хоби а сега ми е занимање. Секој ден во овој изминат период се надградував, читав, учев, напредував.  Многу ми помага  вајарот скулптор Илчо Стојановски, кој ме подучува кога некаде ќе запнам,  ме воведува во тајната на уметноста – вели Ташковски.

Тема на неговите дела се  старите куќи, старата архитектура, посебно велешката. На неговите мозаици можат да се видат Малото мовче, Градскиот Саат, куќата на Џинот, Главинов, Рацин, Касапови, или пак Старата Скопска чаршија. Работата е макотрпна за да се создаде едно дело, во зависност од големината, потребни се еден до три месеци изработка.

Една слика со големината од 25 на 35 см. ја изработувам  за еден месец, а ако е поголема  70 на 60 см до три месеца. Но  зависи и од мотивот што се работи, колку е тој сложен, колку детали има. За овие пет години имам изработено 40 дела а отуѓив само три. Мозаиците се спомен на архитектура која ја снемува, време кое минува, јас во моите дела го зачувувам  – објаснува Ташковски.

Пред да започне со изработка на мозаици од дрво, тој работел уникатна дрвена покуќнина. Изработувал стари миндери, долапи,кревети,касели, маси, креденци, буренца за вино, кои се среќаваат во стара македонска куќа.  Изработувал   целосно и градска и селска соба, такви како што биле одлика на едно минато време. Потоа преминал на мозаик, а и денес по нарачка знае да сработи дел од старата македонска покуќнина. Негов алат се еден скалпел и едно ноже и многу дрва. Процесот од подготовка до изработка е долг.

  Потребно е  две до три години ореовото дрво да се исуши. За тоа да се случи го обработувам на ситни парчиња, а откако ќе се исуши  одам на столар, каде што го оформувам на ситни неправилни форми. Сликата ја создавам со бонсек и скалпел, откако претходно ќе нацртам скица. Работата саат нема, се работи по инспирација и љубов. Некој пат почнувам од 7 до доцна во ноќта, зависност од денот. Се случува да изработам десетина сантиметри, толку се можностите. Но тоа што ќе се сработи нема бришење, не ми се случило нешто што сум  создал, другиот ден да го поправам – вели Ташковски.

Неговите дела веќе ги видоа скопјани, на првата самостојна изложба која се организираше во ноември лани, во Домот на АРМ, пред велешани ќе се претстави на 14-ти февруари во Ликовниот салон. Токму во Скопје, од ликовни уметници ги добил првите пофалби и комплименти за неговата работа, кои му даваат поттик за натамошно творење. Таму слушнал дека е единствен во Македонија и на Балканот што работи  мозаик во дрво. Зачудувачки е што иако работи со едно дрво, орев, мозаиците се со јасно изразени нијанси на боите, кои не се добиени со користење на бои, туку тоа е дело на природата.

Бојата се добива во зависност  кој дел од оревот се користи. Ако е блиску до коренот бојата е потемна, додека на гранките е посветла. Срцевината е исто така темна нијанса а колку  е оди кон кората таа станува посветла и од тие комбинации јас ги правам нијансите на мозаикот. Го заштитував со безбоен лак а сега со бел восок. Така ми препорачаа копаничарите, бидејќи така  се премачкувале нивните дела, иконостасите во црквите и манастирите.  Кога мозаикот ќе се премачка со восок, таа слика повеќе не се растура, не се брише, останува за век и веков – објаснува Ташковски, кој го создава последниот мозаик  од куќата на Џинот, кој ќе биде дел од неговата велешка самостојна изложба.

АНКЕТА »

Како ви се допаѓа сообраќајното решение за улицата 8 септември од Сармаале до Коњаникот

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »