Петар Печков
Објавено: вторник, 31 јануари 2017
Велешанецот Шерфес Вејселов (40 год) доби условна затворска казна оти влегол преку кровот во деловен простор и украл роба вредна три илјади евра.
Тој во Основен суд Велес беше прогласен за виновен за кривичното дело тешка кражба за што доби две години затвор кој ќе ги лежи ако во следните четири години стори кривично дело но доби и обврска на оштетените да им ги врати парите во вредност на стоката која ја одзел. Делото кое наликува на лош акционен филм, го сторил пред една година во два наврати на 11-ти јануари и 12-ти февруари.
Според обвинението Вејселов на ист начин насилно влегол во деловниот простор, откако го скршил прозорецот од кровот, ги раширил решетките, скокнал од 4 м висина, и одзел зимска облека, јакни, кошули, фустани, фармерки, ракавици, патики, долна облека како и пари 1,5 илјади денари во готово.
Тој бил откриен откако при кражбата еден чорап кој го користел бил најден во просторијата. Со ДНК е откриено дека тој бил на обвинетиот, како и дел до украдената стока била пронајдена кај него дома.
Една од соственичките пак видела дека неговите деца носат блузи и фармерки како што и биле украдени. Вејселов негира дека тој ги украл работите а дека алиштата ги донеле неговите деца дома со кесиња, не знаејќи од каде ги нашле. Пресудата не е правосилна. За ист ваков грабеж преку кров, на истата просторија, кој се случи во ноември 2015-та Судохан Муаремов доби 3,5 години затвор.
Tweet |