Петар Печков
Објавено: петок, 01 септември 2017
Во три гевгелиски села, регистрирана е на хидрична епидемија. Жителите на селата Стојаково, Селемлија и Богородица во неделата на27 –ми август се пожалиле на стомачни тегоби, на здравствени проблеми поради кои побарале помош од тамошната Итна помош. Во овие три села живеат околу три илјади граѓани.
Од 120-те лица кои тогаш побарале лекарска помош а гравитираат кон овие три села, 38 биле препратени во Гевгелиската Болница со средно и тешка симптоматологија , девет биле задржани а две лица се уште се хоспитализирани. Кај нив се регистрирани следните симптоми: појава на гадење, нагон на повраќање, до интензивно повраќање, болки во стомакот, течни столици со интензитетот во првите часови од 5-6 столици и опасност од дехидрација – изјави др. Сашко Олумчев - спец. по епидемиологија и раководител на Подрачна единица на ЈЗУ ЦЈЗ Велес – Гевгелија.
По овие сознанија надлежните од Центарот за Јавно здравје Велес регионален центар за Повардарјето, започнале претрага што ги поврзува сите овие жители, што кај нив се јавиле такви силни стомачни проблеми. Констатирано е дека тоа бил заедничкиот водовод.
По ова наложено било итно хипер хлорирање на водата за пиење во водоснабдителниот објект, кој ги снабдува овие три населени места како и мониторинг на резидуалниоит хлор.
Оваа информација за состојбата во овие три гевгелиски села веднаш била препратена до Министерството за здравство, Институтот за Јавно здравје, Агенцијата за храна и ветеринарство, Државниот санитарен инспекторат, локалната самоуправа на двете општини – Гевгелија и Богданци и Јавното претпријатие за водоснабдување Комуналец од Гевгелија. За да се констатира како се случило низ дел од водоводот да потече нечиста вода, извршени биле разговори и со надлежните и со локалното население.
Констатиравме дека на 25-ти август дошло до дефект на главниот цевковод кој ги снабдува овие три села од пумпната станица ,,Вардар,,. Ова е дознаено во разговор од локалното население, по што е излезно на местото каде се случил дефектот. Земени се мостри пред и по него, како и мостри од пациенти на преглед во Итната медицинска помош и испратени во лабораторијата на Центот за јавно здравје Велес. Истражувањата покажаа дека во неделата попладне во Стојаково нема присуство н арезидуален хлор, од село Селемлија од две места исто нема резидуален хлор, село Богородица има резидуален хлор - изјави д-р Тони Димитриев в.д. директор на ЈЗУ " Центар за јавно здравје Велес ".
Додаде дека токму од Гевгелиската Брза помош на 27 август околу 17ч, е добиена пријава за енормно зголемен број на пациенти кои се жалат на цревни заболувања. Анализите од земените мостри на вода од водоводот во овие три села покажува дека таа била загадена и неквалитетна за пиење.
Во испитуваните мостри на вода од 27 август во селата Стојаково, Селемлија и Богородица резултатите покажаа присуство на колиформни бактерии со висок титар, присуство на ешерихија коло –бактерија од фекално загадување . Повторените анализи на 29-ти август покажаа дека во село Стојаково се одржува тој висок титар на колиформна бактерија –ешерихија коли. За другите две села нема присуство нема колиформни бактерии, нема фекално загадување. Анализите од вчера, 31-ви се во тек. За да биде водата за пиење во ред, треба да има два пати последователни негативни резултати, што овде не е случај, така што водата и натаму не се препорачува за пиење. Треба да се пие флаширана или ако се дистрибуираа од цистерни – рече др. Анастасија Иванова - спец.по микробиологија.
Според докторите, по секој дефект, при протекувањето на водата се создавал вакуум кој повлекувал надворешна материја, дали земја, дали фекалии било различно од случај во случај, во зависност од местоположбата каде се случил дефектот. Тие маси се туркаат кон следниот корисник каде ќе протечат, кога ќе се пушти чешмата. Во случајот од гевгелиско, тоа се трите населени места и локалното население кое ја користи водоводната мрежа.
По секој дефект се прави хипер хлорирање на водата. Можеме како здравствена институција да констатираме дека имало дефект, ги имаме анализите на водата, имаме заболено население. Не можеме да кажеме дали веднаш по дефектот е сторено хипер хлорирање, што е задолжително. Но по добивањето на информација за здравствените проблеми на населението, побаравме и ,,Комуналец,, го стори тоа , дали претходно на 25 ти го сторил тоа немаме информација - вели д-р Олумчев.
Tweet |